Линкови за пристапност

Банките во Македонија без последици од кризата во Грција


Народната банка вели дека ја следи состојбата и смета дека нема причина за загриженост

Банкарскиот систем во Македонија функционира нормално, без последици од актуелната криза во Грција.

„Сите банки во Македонија денес работат нормално. Нема никакви повлекувања на депозити од ниту една банка бидејќи парите на граѓаните во земјава се сигурни“, изјави гувернерот на Народната банка Димитар Богов.

Како што нагласи Богов, банките во земјава, вклучувајќи ги и двете банки со доминантен грчки капитал, Стопанска и Алфа банка, се стабилни и отпорни на грчката криза. Овие две банки имаат околу 22% од вкупната банкарска актива во земјава.

Македонските власти неодамна соопштија дека ги затвораат вратите за одлив на пари од банките со доминантен грчки капитал. Богов денеска објасни дека оваа мерка била донесена од превентивни причини, иако, според него, не се очекуваат такви обиди.

„Македонските банки немаат депозити или други вложувања во Грција, но имаат дадено позајмици на грчки банки во регионот, особено во Романија и Малта. Со новите мерки, домашните банки се задолжени да си ги повлечат тие пари“, изјави гувернерот на Народната банка.

Дел од превентивните мерки на Народната банка забрануваат и купување на грчки државни хартии од вредност, но Богов рече дека македонските банки немаат инвестирано во државни обврзници. Единствено еден инвестициски фонд имал вложувања во грчки хартии од вредност од околу 150.000 евра.

Народната банка вели дека будно ја следи состојбата и смета дека нема причина за загриженост од ширење на грчката криза во домашните банки. Според Банката, евентуалното продлабочување на кризата во Грција повеќе може да се почувствува во Македонија преку трговските канали.

„Трговската размена меѓу Македонија и Грција со текот на годините, особено од 2007 година наваму значително се намали. Ако во тој период Грција беше втор извозен пазар за македонските производи, сега не е ниту во првите пет“, рече Богов.

Гувернерот верува дека Грција ќе го избегне најцрното сценарио и изјави дека постои можност за надминување на кризата во Грција со оглед на тоа што европските кредитори ги оставија вратите подотворени за продолжување на преговорите.

XS
SM
MD
LG