Линкови за пристапност

САД: Грција да најде трајно решение за кризата


Во рамки на Еврозоната, оти тоа е во најдобар интерес на Грција, Европа и на глобалната економија, според секретарот за финансии Лу.

Американскиот секретар за финансии Џек Лу синоќа му порачал на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека е во најдобар интерес на Грција, Европа и на глобалната економија земјата да најде трајно решение коешто ќе ја стави на патот на реформи и закрепнување, во рамки на Еврозоната. Лу рекол и дека е важно сите страни да соработуваат за да постигнат решение коешто ќе вклучи и реформи, и евентуално олеснување на долот. Американскиот секретар за финансии ја повикал Атина да одржи фискална стабилност.

Вчера, претседателот Барак Обама разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел за, како што оценува Белата куќа, исклучителната важност од реформи во Грција и растежот во рамки на Еврозоната.

Гери Хафбаер од вашингтонскиот Институт за меѓународна економија Петерсон коментира дека Белата куќа е алармирана поради можноста од пошироки импликции на грчката криза.

„САД се загрижени дека хаосот во Грција би можел да биде заразен и да предизвика несигурност во врска со други членки на Еврозоната, како Португалија, Шпанија и Италија, да предизвика проблеми и раздор во европската решеност во однос на Русија и ситуацијата во Украина“, смета Хафбаер.

Патрик Чованец, главниот стратег на финансиската советодавна комапнија Силверкрест мисли дека со фактот дека постои голем пад на довербата меѓу Русија и Западот, дури и една ограничена руска финансиска помош за грчката левичарска влада на Сириза би претставувала геополитички предизвик. Додава - иако САД директно не се изложени на последиците од грчкото неисплаќање на догот, се` што ја поткопува економијата на Еврозоната би можело да има сериозни глобални импликации.

„Тоа созадава неизвесност, особено поради тоа што се случува на неорганизиран начин. Првичниот резултат на ова за Грција најверојатно ќе биде огромно количество на тешкотии. Пазарите не сакаат неизвесност. Пазарите сакаат да се знае во која насока одат нештата, а сега тоа никој не го знае“, вели Чованец.

Откако саботата пропаднаа преговорите меѓу грчката влада и меѓународните кредитори, Европската централна банка одлучи да не продолжи со вонредната кредитна помош за Грција. Властите во Атина потоа решија да ги затворат банките до 6-ти јули, берзата денес да не отвори за работа, а индивудуалното повлекување на пари од банкомат дневно да не биде повеќе од 60 евра.

Ципрас вели дека ќе остави на грчкиот народ да реши дали да ги префати понудените мерки на штедење во замена за финансиски спас, на референдумот закажан на 5-ти јули. Се работи за постриктни мерки коишто веројатно ќе значат и кратење на пензискиот фонд, како и повисоки даноци. Грчкиот премиер ги повика сонародниците да кажат - не.

Грција до утре треба да врати речиси 1,8 милијарди долари на Меѓународниот монетарен фонд. Ако тоа не се случи, земјата веќе не ќе може да смета на пакетот-помош од 8 милијарди долари.

„Сите на коишто Грција им должи пари, а тоа се главно банките и официјалните кредитори како Европската централна банка, во основа не ќе можат да си ги вратат парите навреме. Ќе ја загубат вредноста на дадениот заем, така што во прашање ќе биде сума од неколкус стотици милијарди долари“, предвидува Хафбаер.

За него, поголемо прашање ќе биде дали Грција ќе ја напушти Еврозоната. Дури и Ципрас признава дека ова ќе биде централна точка на референдумот.

Чованец анализира дека иако Грција претставува релативно мала економија, последиците од излегувањето на Еврозоната би можеле да создадат опасна ситуација.

„Проблемите коишто постојат во Грција и спорните прашања меѓу неа и европските земји - кредитори, постојат и во други земји: во Шпанја, Португалија, дури и во Италија. Загриженоста е дека што и да се случи со Грција, дека тоа ќе даде пример за другите, без оглед дали се работи за простување на долгот, неисплаќање на долгот или пак напуштање на Еврозоната“, смета главниот стратег на Силверкрест.

Па сепак, Хафбаер мисли дека евентуалното грчко напуштање на Еврозоната ќе ја зајакне решеноста на другите членки да останат во неа и наведува три причини зошто Грција е уникатен пример: „Прво, нејзиното ниво на задолженост, коешто е неколку стотици проценти од домашниот бруто-производ; второ, нејзината некомпетентност да се справи со кризата и да спроведе реформи; и трето, изборот на навистина дрска, во голема мерка прокомунистичка влада“.

Хафбаер предвидува дека надвор од Еврозоната и со драхмата како национална валута, економијата на Грција ќе продолжи да се намалува.

XS
SM
MD
LG