Линкови за пристапност

Грците поделени пред референдумот во недела


Со резултат „против“ Грција може да биде натерана да излезе од еврозоната

Според најновата анкета за престојниот референдум во Грција, нејзините жители се речиси подеднакво поделени за тоа како ќе гласаат.

Анкетата била спроведена на 30 јуни и 1-ви јули врз 1.000 граѓани, а резултатите покажуваат дека 44.8 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат „за“ во корист на условите на помош за излез од кризата, додека 43.4 проценти ќе гласаат „против“, а 11.8 се неопределени.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас води кампања луѓето во недела да се изјаснат „против“, велејќи дека со тоа Грција ќе добие поголема моќ во идните преговори со европските доверители.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис во интервју за телевизијата Блумберг, изјави дека доколку гласачите го прифатат предлогот на ЕУ, постојат големи шанси дека владата ќе падне, а самиот тој од понеделник, повеќе нема да биде на оваа функција.

Европските лидери предупредија дека доколку Грците гласаат „против“, би ги зголемило шансите Грција да стане првата земја којашто би ја напуштила еврозоната, а со тоа и валутата – евро, која постои 16 години.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, денеска во Луксембург изјави дека гласот „против“ на престојниот референдум, ќе значи дека позицијата на Грција ќе биде „драматично ослабена“.

„Програмата заврши, во моментов не се водат преговори, ако се гласа „против“, Грците ќе направат се` освен да ја зајакнат својата преговарачка позиција“, рече тој.

Поддржувачите да се гласа „за“ - што значи Грција да го прифати предлогот на доверителите за дополнителни мерки за штедење во замена за дополнителни заеми – велат дека референдумот му дава тежина и на гласањето за тоа дали Грција сака да остане во еврозоната.

Во меѓувреме, Државниот совет, највисокиот административен суд на Грција, денеска се очекува да одлучи по жалбата на двајца приватни граѓани коишто од судот бараат референдумот во недела да го прогласи за нелегален.

Одвоена група поднесе против-жалба поддржувајќи ја легалноста на референдумот.

Во четвртокот, Грција прими дополнителни лоши вести – Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека финансиските проблеми на Грција се полоши отколку што се мислело.

ММФ во голем дел за ова ја обвинува актуелната влада на премиерот Ципрас, велејќи дека била пребавна во продажба на државниот имот и дека на земјата ќе и` требаат дополнителни 56 милијарди долари нови заеми до 2018-та.

Грција во моментов не прима помош од Европа, откако во вторникот не успеа да го исполни рокот, до полноќ да ја подмири ратата кон ММФ од 1,8 милијарди долари. Со тоа, за прв пат во историјата на ММФ, една развиена земја не успеа да изврши навремена исплата на долг.

XS
SM
MD
LG