Линкови за пристапност

Иранскиот државно спонзориран тероризам во подем


А јадрото на Ал-Каида во Пакистан продолжило да слабее, според глобалниот извештај на Стејт департментот.

Минатата година дошло до значителен пораст на иранскиот, државно спонзориран тероризам, додека јадрото на Ал-Каида во Пакистан продолжило да слабее. Ова се наодите на САД во годишиот извештај за тероризмот што Стејт департментот го поднесува до Конгресот, а што беше објавен синоќа.

Американската влада наведува дека и Иран, и либански Хезболах лани биле исклучително активни во планирање на терористички дејствија, како и дека дале широка поддршка на режимот во Сирија во пресметката со народот во земјата.

Истовремено, ослабело влијанието на централното раководство на Ал-Каида во Пакистан и нејзината филијала во Јемен. Во извештајот се наведува и дека владата на Сомалија, со помош на Африканската унија, ги истиснала милитантите на Ал-Шабаб од главните градови во земјата. Па сепак, официјален Вашингтон мисли дека експлозивните настани на Блискиот Исток и во Северна Африка ја усложниле терористичката ситуација денес.

Со фактот дека испраќањето и примањето на финансиски средства е отежнато, некои организации поврзани со Ал-Каида прешле на грабнувања за откуп, како и други криминални активности за финансирање на своите терористички акции.

САД пребројале дека минатата година имало терористички акции во 85 земји, од кои поголемиот дел во Пакистан, Ирак и Авганистан. Официјален Вашингтон смета дека за поразување на терористичките мрежи е потребна долгорочна меѓународна соработка, со спротиставување на идеологијата што го подгрева тероризмот.
XS
SM
MD
LG