Линкови за пристапност

Гласаа изнемоштените, болните, осудениците и дијаспората – почна изборот за претседател на државата


Од ДИК соопштија дека се подготвени за спроведување на избори. МВР и Обвинителството со оперативен план. Ова се седми избори за претседател од прогласувањето на самостојност во 1991 година а право на глас имаат 1.814.317 гласачи кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места

СКОПЈЕ – Околу седум илјади стари и изнемоштени лица, осуденици како и над две и пол илјади иселеници во дијаспората денес го отворија гласачкиот процес на седмите избори за претседател на државата од осамостојувањето во 1991 година. Изборниот процес во Северна Македонија почна во 7 часот и заврши во 19 часот и се одвиваше во најдобар ред додека иселениците кои гласаа во дипломатско конзуларните претставништва гласаа од 7 до 19 часот во државите во кои живеат.

Резултатите од гласањето денес ќе бидат соопштени утре по завршувањето и пребројувањето на гласовите во првиот изборен круг.

Александар Даштевски ДИК
Александар Даштевски ДИК

„Гласањето добро се одвива и трае и тие податоци ќе ги имаме до вечер. Некаде е завршено, но гласањето трае до 19 часот. По завршувањето на гласањето денес, ДИК ќе објави информации за излезноста на гласачите, додека резултатите ќе бидат сублимирани и објавени утре“, изјави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК).

Од ДИК која одржа седница денес соопштија дека се целосно подготвени да ги спроведат утрешните избори. Согласно новонастанатата состојба со личните документи граѓаните утре на првиот круг на претседателски избори ќе можат да го остварат правото на глас со важечки документ за лична идентификација, лична карта и патна исправа со старо уставно име на Република Македонија но и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите, а за утре тоа е 24 јули 2023 година.

Од ДИК соопштија дека за двата круга избори акредитирани се 915 се домашни и 544 меѓународни набљудувачи, 84 преведувачи и 58 новинари од странство.

„Дозволено е да се снима и да се слика во избирачките места, но не е дозволено да се снима и да се слика зад параванот за да не се наруши тајноста на гласањето, како и Избирачкиот список бидејќи таму има лични податоци на граѓаните. Евентуално може да се направи исклучок ако некој од гласачите затекнати на избирачкото место не сака да даде согласност и не сака да биде снимен“, изјави Борис Кондарко, член на ДИК.

МВР и Обвинителството соопштија дека е формиран Кризен штаб кој ќе дејствува утре, на терен ќе има зголемено присуство на полицијата а изготвен е и зајакнат распоред на дежурства кај обвинителите за да се покрие целата територија на државата. Тие ќе се обидат да спречат или да санкционираат секаков обид на нарушување на изборниот процес. Казните во зависност од кривичното дело се движат од три до максимални 20 години затворска казна.

„Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со Оперативната акција Претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на Оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми. Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање на сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите,“ соопштија од МВР.

Според официјалните податоци на ДИК право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи кои ќе го остварат своето право на глас на едно од 3.480 избирачки места низ државата. Избирачките места утре ќе се отворат во 7 часот а гласањето трае до 19 часот.

Официјалните резултати од гласањето во првиот круг и кои двајца кандидати ќе се останат во трката за Вила Водно, ДИК треба да ги соопшти околу 23 часот.

XS
SM
MD
LG