Линкови за пристапност

Иванов: „Да го надминеме погубниот синдром на сервилност!“


Владеачката ДУИ и опозицискиот СДСМ го бојкотираа обраќањето на претседателот кој повика на единство, потенцирајќи дека во 2015 изостана дијалогот

„Граѓаните се револтирани затоа што се дозволи други да се грижат за нас повеќе од самите нас. Револтирани се што наместо во институциите на државата, трчаме во амбасадите на странските држави. Идната година, прославуваме четврт век од независноста и сувереноста, а дозволуваме некој друг да ни го моделира политичкиот и правниот систем. Крајно време е да го надминеме овој погубен синдром на сервилност. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствениот дом. Државиот интерес мора да биде приоритет на секој еден од нас. И на партиите, и на институциите, и на цивилното општество, и на медиумите“, порача денес во своето седмо, традиционално годишно обраќање на јавноста, пред пратениците во парламентот, претседателот Ѓорге Иванов.

Според Иванов, иако и во следната година, стратегиски и национални приоритети се членството во ЕУ и во НАТО, главен приоритет за 2016-та е Македонија да биде „функционална држава што го одржува јавниот ред и мир, што се грижи за безбедноста и за одбраната, и создава услови за владеење на правото... Функционалната држава е гаранција за слободата, демократијата и економскиот просперитет. Затоа, од сите овие кризи и закани неопходно е да излеземе како држава во која институциите не создаваат, туку ги решаваат проблемите на граѓаните“, потенцираше Иванов. Според него, граѓаните бараат три нешта: слобода, сигурност и надеж, односно, правна, економска и општа сигурност, како гаранција за слободата и економскиот просперитет. „Но, за да се обезбеди сето тоа, неопходна ни е сувереност, безбедност и државност, што може да се постигне само со единство“, рече претседагелот.

Иванов рече и дека Македонија во изминатите шест години имала три политички кризи, а секоја следна била посериозна и подлабока од претходната. "Толку долго и толку често опстојувавме во политички кризи, што, некои забележуваат дека кризата стана наше секојдневие. Минатата година, од ова исто место, реков дека клучниот збор за 2015-та треба да ни биде дијалог. Но, дијалогот изостана. Политичкиот воздух стана толку загаден од сомнежи и меѓусебни обвинувања што почна да го гуши македонското општество".

Потсетувајќи дека и самиот бил новинар, Иванов се задржа и на деградацијата во медиумскиот простор, во кој според него, јавната пристојност и професионалност станале исклучок, наместо правило. „Не смеете да трпите какви било влијанија, како од политичарите, така и од другите моќници. Мора самите да се изборите за најдобрите решенија кои ќе овозможат медиумите да си го вратат достоинството и угледот. Медиумите мора се изборат за нивната вистинска улога во општеството. И јас сум бил новинар. Знам дека еден човек може себе си да се нарече новинар само доколку новинарскиот занает го разбере како одбрана на вистината. Како одбрана на јавниот и државниот интерес од самоволието и од посебните интереси на кој било, моќник, политичка партија, бизнис, религија“, рече претседателот Иванов.

На обраќањето на претседателот Иванов присуствуваа премиерот, министри, началникот на ГШ на АРМ, претставници на дипломатскиот кор, на верските заедници, но според најавите, го бојкотираа пратениците од владеачката ДУИ и опозицискиот СДСМ. ДУИ и лани го бојкотираше Иванов, бидејќи не го признава неговиот легитимитет, а пред обраќањето, од партијата посочија дека во изминатата година не се сменило ништо во нивните односи со претседателот и дека немало причина за промена на ставот. По договорот од Пржино, СДСМ го прекина бојкотот на Собранието, но непојавувањето на обраќањето е илустрација за ставот и на опозицијата за непризнавање на легитимитетот на Иванов. „Ставот на СДСМ е јасен. Претседателските и парламентарните избори се криминални и наместени... Тој (Иванов) за нас не е претседател, затоа што е избран на криминални и наместени избори“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Ѓорги Сугарески.

Отсуството на СДСМ и ДУИ, за Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, е отсуство на капацитет за политички дијалог и на политичка култура. Осврнувајќи се на излагањето на Иванов, Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ го цени неговиот доследен став и решителноста, „и покрај обидите и притисоци од одредени меѓународни фактори, да го одбие барањето Македонија да биде бегалски камп за 20, 30 или повеќе илјади бегалци и мигранти“ и дека Иванов принципиелно треба да продолжи да го застапува тој став пред сите соговорници од ЕУ.

XS
SM
MD
LG