Линкови за пристапност

Технолошкиот сектор со помалку донации за Клинтон и Трамп споредено со Обама


Пред четири години, Барак Обама имаше собрано преку 10 милиони долари, а Мит Ромни преку 3 милиони.

За време на изборната сезона во САД, претседателските кандидати се обидуваат да соберат средства од поддржувачите ширум земјата, што ќе им помогнат да бидат избрани на функцијата. И Трамп и Клинтон собираат помалку пари во технолошкиот сектор споредено со кампањата на претседателот Обама пред четири години. Силиконската долина, што се протега од Сан Франциско до Сан Хозе, е област позната по технологија и иновации.

Кога станува збор за политиката, многумина во Силиконската долина делат слични мислења.

„Ниту еден од нив двајцата не го привлекува моето внимание“, вели бизнисменот Тим Дрејпер.

Ваквата перцепција можно е да е причината зошто двата кандидата не успеале да соберат многу средства во технолошкиот сектор ширум САД, споредено со Барак Обама и Мит Ромни пред четири години.

„Во овој период, Обама имаше собрано преку 10 милиони долари, а Мит Ромни преку 3 милиони“, вели Жизел Кордестани, ко-основачка на компанијата „Краудпек”. За споредба, Клинтон во овој сектор има собрано 6 милиони долари, а Трамп само 225.000, додава таа.

„Причината зошто Трамп заостанува зад Клинтон на ова поле, е затоа што тој не се фокусираше таму. Тоа беше стратегија. Водеше поинаква кампања за време на прелиминарните избори“, изјави Кордестани.

Според неа, бројни технолошки професионалци од Силиконската долина на почетокот на претседателската трка ги поддржуваа другите републикански кандидати.

„Имаше бројни донатори кои даваа пари на кандидати како Марко Рубио, Карли Фиорина, Џеб Буш, но не и на Трамп. Мислам дека тој не се поистоветува добро со технолошкиот сектор којшто е умерено конзервативен“.

Тревор Траина, основач на „Иф онли”, вели дека кандиатите и идниот претседател, треба да посветат внимание на Силиконската долина.

„Големите компании сега се навистина големи. 'Епл', 'Мајкрософт', 'Фејсбук'. Тоа се едни од најголемите корпорации во светот во моментов, што е ново за Силиконската долина“.

Одредени аналитичари сметаат дека со наближувањето на 8-ми ноември, луѓето ќе почнат да одлучуваат за кого ќе гласаат, и можеби ќе донираат во една од двете кампањи, во надеж дека ќе внесат промени во владините редови.

XS
SM
MD
LG