Линкови за пристапност

Фридом хаус: Демократијата во Македонија опадната


Во годишниот извештај „Нации во транзит“ Фридом хаус вели дека на Балканот се чини дека корупцијата се продлабочува

„Нации во транзит“ е годишна публикација на Фридом хаус, со седиште во Вашингтон, што го следи демократскиот напредок во 29 држави и административни области кај поранешни комунистички држави на Европа и Евроазија. Извештајот за 2013-та е штотуку објавен и таму Македонија бележи благо влошување по стандардните параметри во однос на минатата година, што се должи на послабата оценка за правосудната пракса.

На скалата од еден до седум, каде седум е најлоша оценка, за демократија, како главна оценка, Македонија добила 3,93. Лани имала 3,89. А поконкретно, за национално демократско управување оценката е 4,25, за изборен процес 3,25, за граѓанско општество 3,25, за независни медиуми 4,75, за локално демократско управување 3,75, за правосудство и независност 4,25 и за корупција 4,00.

Извештајот покрива настани од календарската година 2012-та. Тоа е година кога автократските режими во Евроазија енергично се бореа да ги држат настрана заканите од демократски промени, вели извештајот, наведувајќи примери на влади кои вовеле нови и редундантни мерки за спречување на дисидентство.

Во Централна Европа реакциите против непопуларните мерки за штедење дестабилизираа неколку влади, тестирајќи ја издржливоста на демократските институции, наведува Фридом хаус. Во исто време, корупцијата на Балканот се чини дека се продлабочува, вели извештајот, и покрај притисокот од ЕУ и водечките меѓународни институции за давање заеми.

За споредба, Албанија годинава добила оценка 4,25 што е мало уназадување од претходната година (4,14), но многу подобро од Косово, кое доби оценка 5,25.
Источниот сосед на Македонија, Бугарија доби оценка 3,18, што е полошо од претходната година, кога имаше 3,14, главно заради опадната оценка за независни медиуми.
XS
SM
MD
LG