Линкови за пристапност

Загриженост за корупцијата, медиумите и судството во Македонија


Разговор Силвана Колацковска, директорка на „Држави во транзит“, студијата на Фридом хаус за демократскиот развој на 29 земји од Централна Европа и Евроазија.

Македонија е во групата делумно слободни земји, според најновиот годишен извештај на Фридом хаус. Статусот на земјата е непроменет од минатиот извештај, во кој исто така доби оценка 3,0 според обата критериума - политичките права и граѓанските слободи.

Силвана Колацковска, директорка на „Држави во транзит“, студијата на Фридом хаус за демократскиот развој на 29 земји од Централна Европа и Евроазија, за Гласот на Америка на македонски коментира дека Македонија пати од исти проблеми како и соседите.

„Трите категории - неслободни, делумно слободни и слободни земји, се мошне широки, а Македонија се наоѓа на средината, но кон горната половина од листата „делумно слободни држави“. Ова е делумно заради тоа што голем дел од проблемите се заеднички со соседите“, вели таа.

Колацковска ги наведува судството и спроведувањето на антикорупциските мерки како области каде е неопходно подобрување во сите посткомунистички општества кои се стремат кон демократија, а особено на Балканот. А корупцијата во Македонија, наведува овој стручњак, и натаму е сериозен проблем.

„Корупцијата е директно поврзана со функционирањето на судството. Без почитување на независното судство, не може да стане ни збор за прашањето за корупција. Судскиот систем, едноставно, не е непристрасен“, вели Колацковска.

И покрај декриманилизацијата на клеветата, таа смета дека казните за новинарите се прекумерни.

„Македонија пред две години доживеа сериозен удар во нашиот рејтинг во врска со слободата на медиумите, а што се однесуваше на начинот на кој функционира Советот за радиодифузија и извештаите за зголемено малтретирање и судски прогон на новинари. Минатата година беше декриминализирана клеветата, иако сега има бројни казни кои се високи“, коментира аналитичарката на Фридом хаус.

Слободата на печатот е загарантирана со Уставот, вели Колацковска, но сепак, „во основа, главен проблем е што медиумите во Македонија се соочуваат со политички притисок и малтретирање, а тоа резултира во само-цензура и недостаток на вистинско, истражувачко новинарство. Се` уште има многу „таблоидно новинарство“ и, очигледно, мошне политизирано известување. Постои целосна незаинтересираност да се обрне внимание на прашањата како корупцијата и организираниот криминал“.

Се` на се`, Колацковска ја оценува 2012-та како година без поголеми промени за Македонија.
XS
SM
MD
LG