Линкови за пристапност

16 Американци добија Претседателски медал за слободата


Меѓу одликуваните поранешниот претседател Бил Клинтон, легендата на кантри-музиката Лорета Лин, активистката за женски права Глорија Стајнам и ТВ-иконата Опра Винфри.

Претседателот Барак Обама денес почести 16 Американци со највиското цивилно одликување - Претседателскиот медал на слободата.

Признанието го воспостави пред 50 години тогашниот претседател Џон Ф. Кенеди, за да ги почести оние кои дале несекојдневен придонес за безбедноста на САД, американските национални интереси, мирот во светот, за културни и други јавни или приватни потфати.

Меѓу добитниците оваа година се поранешниот претседател Бил Клинтон, легендата на кантри-музиката Лорета Лин, истакната активистка за женски права Глорија Стајнам и ТВ-иконата Опра Винфри. Обама кажа дека добитниците се благословени со несекојдневен талент и дека нивните вредности „не` дефинираат како Американци“, а нивниот потенцијал „живее во сите нас“.

Ова се добитиниците на Претседателскиот медал на слободата:

1. Ерни Бенкс
Познат како „господинот Кабс“, Ерни Бенкс е еден од великаните на американскиот безбол. Во 19-те сезони како член на Чикаго кабс, тој настапи во 11 „ол-стар“ натпревари, забележа над 500 „хоум-ран“ удари и стана првиот во Националната лига кој две години еднподруго беше прогласен за највреден играч. Во 1977-ма влезе во Безбол-галеријата на славните, уште првата година кога ја исполни старосната граница.

2. Бен Брадли
Во текот на 23-те години минати како извршен директор на Вашингтон пост, Бен Брадли остави печат на некои од најбитните и пресвртни стории. Раководеше со известувањето на весникот за скандалот Вотергејт, што доведе до заминување на Ричард Никсон од функцијата претседател. Тој исто така успешно, без оглед на противењето на владата, успешно го одбрани правото на весникот да ги објави Документите Пентагон - строго-доверлива анализа на Виетнамската војна.

3. Бил Клинтон
Бил Клинтон, 42-от претседател на САД, пред да влезе во Белата куќа беше и гувернер и главен обвинител на сојузната држава Арканзас. По вториот претседателски мандат, тој ја основа Фондацијата Клинтон за подобрување на глобалното здравје, јакнење на економиите, промоција на здравјето и благосостојбата, како и за заштита на животната средина.

4. Даниел Инои (постхумно)
Даниел Инои беше првиот јапонски Американец во Конгресот, претставувајќи ги жителите на Хаваи од самото приклучување на САД во 1959-та. Тој се борел во Втората светска војна, за што добил Медал на честа. Од конгресмен, стана и сенатор.

5. Даниел Канеман
Даниел Канеман е пионер-истражувач во областа на психологијата. За време на Втората светска војна, се засолнал од нацистите во Израел, каде служел во одбрамбените сили како психолог. Заедно со Амос Тверски, примени когнитивна психологија врз економската анализа, со тоа удирајќи темели на ново поле на истражување, за што доби Нобелова награда за економија во 2002-ра. Во моментов е професор на Универзитетот Принстон.

6. Ричард Лугар
Ричард Лугар ја претставуваше сојузната држава Инидијана во Сенатот преку 30 години. Овој меѓународно почитуван политичар е најповеќе познат по меѓупартиската соработка и неколкудецениската заложба за намалување на заканата од нуклеарно оружје. Сега е претседател на Центарот Лугар.

7. Лорета Лин
Лорета Лин е легенда на кантри-музиката. Родум од рурален Кентаки, таа на почетокот на 1960-те стана една од најпознатите кантри-вокалистки, храбро кршејќи ги бариерите во индустријата во која долго време доминираа мажите. Лин е добитничка на Наградата на Центарот Кенеди во 2003-та, како и на Греми за животно дело во 2010-та.

8. Марио Молина
Марио Молина во 1995-та доби Нобелова награда за хемија за неговото откритие - како фреоните ја тенчат озонската обвивка. Родум од Мексико, Молина дошол во САД по универзитетска диплома. Тој сега е професор на Универзитетот на Калифорнија, Сан Диего, директор на Центарот Марио Молина за енергија и животна средина, како и член на Претседателскиот совет за наука и технологија.

9. Сали Рајд (постхумно)
Сали Рајд беше првата жена - американски астронаут која престојуваше во вселената. Како пример за генерации на млади жени, таа со жар го промовираше научното образование, расната и полова еднаквост во образованието, а ги учеше учениците од различни потекла и социјални средини дека не постојат граници за она што сакаат да го остварат. Доктор Рајд беше и советник за вселенски истражувања на неколку владини кабинети.

10. Бајард Растин (постхумно)
Бајард Растин беше советник Мартин Лутер Кинг. Тој се залагаше за ненасилен отпор, учествуваше во еден од првите Маршеви на слободата, го организираше Маршот во Вашингтон за работни места и слобода 1963-тата, и неуморно се бореше за маргинализираните заедници, дома и во странство. Како афро-Американец кој отворено се изјаснуваше дека е хомосекуалец, Растин беше на крстопатот на неколку битки за еднакви права.

11. Артуро Сандовал
Артуро Сандовал е славен џез-трубач, пијанист и композитор, роден во предградие на Хавана. Џез-легендата Дизи Гилеспи го зема под своја закрила, по што Сандовал стана светски познат како динамичен изведувач. Тој пребега во САД 1990-те и подоцна доби американско државјанство. Има освоено девет награди Греми и нашироко се смета за еден од најдобрите живи џез-музичари.

12. Дин Смит
Како главен тренер на кошаркарската екипа на Универзитетот на Северна Каролина од 1961-ва до 1997-ма, Дин Смит се закити со две шампионски титули, повеќепати беше именуван за тренер на годината, а се пензионираше со најмногу победи во историјата на машката универзитетска кошарка. 96% од неговите играчи завршија колеџ. Во текот на целата спортска акриера, тој беше и посветен активист за граѓански права.

13. Глорија Стајнам
Глорија Стајнам беше водачка на движењето за женските слободи и соосновачка на феминистичкиот магазин Мис. Помогна во основањето на најразновидни организации и публикации за ширење на граѓанските права. Има добиено десетици награди и до ден-денес е ативна на полето за женски права.

14. Корди Тиндел Вивијан
Еден од водачите на движењето за граѓански права и пријател на Мартин Лутер Кинг, Корди Тиндел Вивијан учествувал во Маршевите на слободата и седечките протести низ САД. Помогна да се основаат бројни организации за граѓански права, како Визија, Националната мрежа против Кланот и Центарот за демократска обнова. Во 2012-та, се врати на позицијата времен претседател на Јужнохристијанската лидерска конферениција.

15. Патриша Валд
Откако дипломираше како една од само 11-те жени во нејзината генерација на Правната катедра на Универзитетот Јел, Патриша Валд стана првата жена назначена во Американскиот окружен апелационен суд за главниот град Вашингтон, а таму беше главна судијка од 1986-та до 1991-ва. Подоцна служеше и во Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија. Во моментов е членка на Одборот за заштита на приватноста и граѓанските права.

16. Опра Винфри
Опра Винфри најповеќе е позната по истоименото ТВ-шоу што 25-години имаше највисок рејтинг меѓу разговорните емисии. Винфри долго време е активна и на филантропски план, а позната и по акциите за што поголеми можости за докажување на младите жени. Добитник е на Хуманитарната награда Боб Хоуп за 2002-ра и на Центарот Кенеди за 2010-та.
XS
SM
MD
LG