Линкови за пристапност

Франција ќе распореди 10.000 војници во Париз


Ќе ги обезбедуваат најчувстителните места по минатонеделните терористички напади во Париз

Франција ќе распореди 10.000 војници за да ја зајакне безбедноста на најчувстителните места по минатонеделните терористички напади во Париз.

Министерот за одбрана Жан-Ив ле Дријан денес соопшти дека војниците ќе се распоредат до вторник навечер. Министерот за внатрешни работи Бернар Казенев информираше дека половина од силите ќе ги штитат вкупно 717-те еврејски училишта во земјата. Министрите говореа по состанокот на владиниот кабинет со претседателот Франсоа Оланд, посветен на безбедносните мерки.

Американскиот државен секретар Џон Кери денес најави дека во четврток и петок ќе престојува во Франција, на разговори за борбата против екстремистичкото насилство. Тој рече дека американсото разузнавање и Федералното истражно биро (ФБИ) координираат со франуските истражители. Главниот американски дипломат подвлече дека тој и претседателот Барак Обама се во директен контакт со француските власти уште од првиот напад во Париз минатата недела. Реагирајќи на критиката за американската застапеност на вчерашниот собир во Париз на којшто учествуваа претседатели, премиери и монарси од целиот свет, Кери кажа дека закажаната посета на Индија го спречила да присуствува. Американската амбасадорка во Франција Џејн Хартли беше главниот американски претставник на собирот.

Француските власти се` уште трагаат по Хајат Бумедијен, партнерката на вооружениот напаѓач Амеди Кулибали за когошто полицијата вели дека четвртокот во Париз убил полицајка, пред петокот да зазеде кошер-супермаркет и земе заложници и кадешто уби четири лица. Турската државна новинска агенција Анадолија го цитираше министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу дека Бумедијен по воздушен пат пристигнала во Турција од Мадрид на 2-ри јануари, а преминала во Сирија на 8-ми истиот месец.

На социјалните медиуми вчера се појави видео-снимка со лице коешто, според полицијата, можеби е Кулибали и коешто – два дена пред Кулибали да загине во престрелка со полицијата – вели дека нападите во Париз се одмазда за француското учество во воздушните напади под американско раководство против силите на Исламската држава во Сирија и Ирак.

Кулибали бил во контакт со браќата Шериф и Саид Куачи, исламските милитанти коишто убија 12 лица во нападот на сатиричниот магазин Шарли Ебдо средата, а коишто петокот загинаа во претсрелка со полицијата.

Во знак на солидарност со Франција, преку 40 државници од цел свет вчера се приклучија на претседателот Оланд и на 1,6 милиони лица на собирот во Париз. Меѓу нив беа германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот водач Махмуд Абас. Слични собири се одржаа и во други делови на Франција, но и на други места во светот - во Берлин, Брисел, Истанбул и Мадрид.

XS
SM
MD
LG