Линкови за пристапност

Потрага по двајцата главни осомничени за убиствата во Шарли ебдо


Полицијата ги идентификувала откако едниот од нив ја оставил личната карта во автомобилот со којшто побегнале

Француските власти трагаат по двајцата главни осомничени за вчерашното убиство на 12 лица во нападот во редакцијата на сатиричниот магазин Шарли ебдо во Париз. Премиерот Мануел Валс информираше дека овие лица им се познати на разузнавачките служби и дека главна грижа на владата во моментов е да спречи нов напад.

Шериф (лево) и Саид Куачи, на фотографиите што ги објави париската полиција
Шериф (лево) и Саид Куачи, на фотографиите што ги објави париската полиција

Париската полиција соопшти дека денес била застрелана една полицајка во јужниот дел на градот, по што починала. Се` уште не е познато дали овој инцидент е поврзан со потрагата по осомничените за убиствата во Шарли ебдо.

Едно лице - 18 годишниот Хамид Мурад - се предало на полицијата во врска со вчерашниот напад, но се` уште трае потрагата по браќата Саид и Шериф Куачи, обајцата од Париз и 30-годишници. Шериф минал извесно време во затвор врз основа на обвинение за тероризам. Француските власти предупредија дека тие се вооружени и претставуваат јавна опасност. Полицијата ги идентификувала откако едниот од нив ја оставил личната карта во автомобилот со којшто побегнале по нападот врз магазинот. Веќе се уапсени седум лица коишто ги познавале осомничените.

Ни се закануваат затоа што сме земја на слободата. А како таква земја, ќе се бориме против овие закани и ќе ги казниме агресорите.
Франсоа Оланд претседател на Франција

Знамињата се на пола копје низ цела Франција додека трае тридневна жалост за убиените. Напаѓачите упаднале во редакцијата додека треаел уреднички колегиум. Сведоци наведуваат дека маскираните лица извикувале „Господ е голем“ на арапски, но и дека говореле на чист француски. Според сведоците,тие исто така извикувале дека го одмаздуваат пророкот Мухамед. Шарли ебдо одвреме-невреме објавуваше карикатури што го исмеваа муслиманскиот екстремизам. Меѓу загинатите се уредникот Стефан Шарбоние и познатите карикатуристи Жорж Волински, Жан Кабит и Бернар Верлак, како и двајца полицајци. Биле повредени 11 лица.

Вредностите коишто ги споделуваме со францускиот народ, универзалната верба во слободата на изразување е нешто што не може да се замолкне со безумното насилство на неколкумина.
Барак Обама, претседател на САД

Франција го зголеми на највисоко нивото на опасност од терористички напади.

„Ни се закануваат затоа што сме земја на слободата. А како таква земја, ќе се бориме против овие закани и ќе ги казниме агресорите“, рече францускиот претседател Франсоа Оланд.

Илјадници ширум Франција излегоа на улиците во знак на поддршка за убиените.

„Вредностите коишто ги споделуваме со францускиот народ, вербата – универзалната верба во слободата на изразување е нешто што не може да се замолкне поради безумното насилство на неколкумина“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Државниот секретар Џон Кери реагираше дека „слободата на изразување и слободниот печат се коренити, универзални вредности, принципи што може да бидат нападнати, но не и избришани благодарение на храбрите и чесни луѓе ширум светот коишто никогаш нема да поткелкнат пред заплашувањата и теророт на оние коишто се обидуваат да ги уништат овие вредности“.

XS
SM
MD
LG