Линкови за пристапност

Француската полиција стави крај на заложничките кризи


Мапа на Париз и околината, со двете локации на заложничките драми
Мапа на Париз и околината, со двете локации на заложничките драми

Убиени двајцата осомничени за нападот во магазинот Шарли ебдо и лицето коешто зазеде супермаркет во Париз

Франуските власти соопштија дека ги убиле двајцата осомничени за нападот во магазинот Шарли ебдо, а заложникот којшто го држеле бил ослободен во полициската акција северно од Париз. Во одвоена акција во францускиот главен град било убиено вооруженото лице коешто држеше повеќе заложници во кошер-супермаркет, но полицијата соопшти дека во таа акција загинале четири заложници.

Фотографии на Хајет Бумдиен и Амеди Кулабали коишто ги објави француската полиција
Фотографии на Хајет Бумдиен и Амеди Кулабали коишто ги објави француската полиција

На двете локации, во Париз и во гратчето Дамартан-ан-Гел можеле да се слушнат експлозии и пукотници кога полицијата реагирала речиси истовремено петокот попладне. Браќата Шериф и Саид Куачи, идентификувани како главните осомничени во нападот на сатиричниот неделник што однесе 12 човечки животи, излегле од складиштето каде што се криеле и започнале да пукаат во полицијата којашто се приближувала, по што загинале во престрелката.

Во другата операција, полицијата го нападнала супермаркетот во Порт де Винсен, делот на градот познат како еврејскиот кварт на Париз. Тие го убиле лицето коешто претходно го зазело супермаркетот. Властите соопштија дека имало барем пет заложници и дека четворица од нив загинале, но засега не се знае кој ги убил и кога.

Браќата Шериф (лево) и Саид Куачи, двајцата главни осомничени за нападот во Шарли ебдо
Браќата Шериф (лево) и Саид Куачи, двајцата главни осомничени за нападот во Шарли ебдо

Францускиот претседател Франсоа Оланд вечерва се заблагодари на безбедносниот персонал којшто стави крај на заложничките ситуации и ги неутрализираше терористите. Тој ги повика Французите и натаму да внимаваат и побара да покажат единство, нарекувајќи го тоа најдоброто оружје на земјата во борбата против тероризмот, расизмот и антисемитизмот.

Говорејќи на настан во Тенеси, американскиот претседател Барак Обама денес кажа дека САД стојат рамо до рамо со Франција и им честита на француските безбедносни служби на акциите. Тој рече дека соодветните американски служби пружаат поддршка, каква и да и` е потребна на Франција. Според американскиот претседател, нападите покажуваат дека терористите нема што да му понудат на светот, додека Париз ја застапува слободата, надежта и достоинството на сите човечки суштества.

Според француски полициски претставник, осомничениот напаѓач во супермаркетот, 32-годишниот Амеди Кулабали најверојатно е истото лице коешто вчера смртно застрела една полицајка јужно од Париз.

Француските власти во моментов трагаат по жена опишана како помошник на Кулабали, по име Хајет Бумедиен. Според првичните извештаи од местото на настанот, таа можеби успеала да се извлече кога купувачите бегале од супермаркетот.

Полициски извори го поврзаа Кулабали со Шериф и Саид Куачи. Браќата, додека биле забарикадирани во складиштето, и` порачале на полицијата дека се подготвени да умрат како маченици. Третиот осомничен во нападот на Шарли ебдо, 18-годишниот Мурад Хамид се предал на полицијата средата навечер, но засега не е јасна неговата врска со браќата.

Поголемиот дел од светот оддава почит на убиените во нападот - 10 новинари и двајца полицајци. Вчера, на дождливо време, парижаните со моливи и пенкала во рацете во чест на загинатите ја поддржаа слободата на изразувањето.

Советот за безбедност на ОН ја започна вчерашната седница со минута молчење.

XS
SM
MD
LG