Линкови за пристапност

Рикер брифираше за американската политика кон Балканот


Рикер брифираше за американската политика кон Балканот
Рикер брифираше за американската политика кон Балканот

Хрватска спроведе фундаментални програми што ја доведоа до порагот на ЕУ и таа треба да биде модел за другите земји во регионот, подвлече заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер на брифингот за американската политика кон Балканот.

За спорот околу името меѓу Македонија и Грција, пак, Рикер смета дека решавањето не е нешто што некој друг може да го реши во нивно име.

„Ние тоа не можеме да го сториме за двете земји. Веќе повеќе години ги поттикнуваме. Аплаудиравме на напорите на сега веќе поранешниот премиер Папандреу и премиерот Груевски да се среќаваат и да дискутираат за прашањето, а посекако продолжуваме да ги поддржуваме напорите на посредникот на ОН Метју Нимиц“, одговори американскиот дипломат на нашето прашање дали САД планираат нов притисок пред Самитот на НАТО наредната година во Чикаго.

Пред две недели, на конгресен распит за состојбите на Балканот, поранешниот амбасадор во НАТО Курт Вокер предложи САД и ЕУ координирано да извршат притисок и да ја реафирмираат валидноста на Времената спогодба, со што Македонија најпрвин би влегла во НАТО под референцата БЈРМ, а потоа би се решавал спорот околу името.

Запрашан за ваквата варијанта, особено во контекст на претстојната пресуда на Меѓународниот суд на правдата, Рикер потсети на условот на НАТО – прво решение за името, па потоа покана за членство.

„За Меѓународниот суд на правдата, не би сакал да прејудицирам за одлуката. Но, основната ситуација е иста: НАТО мошне јасно наведе и во бројни прилики повтори дека Македонија ќе добие покана да се приклучи по решавањето на прашањето со името. Ние ќе продолжиме да ги охрабруваме Македонија и Грција да соработуваат за да најдат решение што одговара на обете страни, а ние тоа ќе го прифатиме“, рече Рикер.

Поранешниот амбасадор во Македонија рече и дека посредникот Нимиц е на располагање на обете земји, а дека најкусиот пат до решение е доаѓање на иста маса.

XS
SM
MD
LG