Линкови за пристапност

Министерот Попоски бара од соседите во ЕУ да промовираат регионална соработка


Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија
Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски коментира на изјавите на бугарскиот колега Младенов за билатералните односи.

“Не би требало во обединета Европа, војните и историските конфликти од балканското минато да бидат поприоритетни од потребата за подобро поврзување на луѓето и можностите прекугранично. Пократки дистанци, значи поинтегриран пазар и повеќе можности. Значи и помалку предрасуди”.

Ова го вели шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, запрашан како ги коментира зачестените изјави на неговиот бугарски колега Николај Младенов, дадени во изминативе недели на тема бугарско-македонски односи.

Поповски: Од македонска страна, гледаме можност за европски пристап кон билатералните и регионалните односи.
Поповски: Од македонска страна, гледаме можност за европски пристап кон билатералните и регионалните односи.
Првиот човек на бугарската дипломатија по повод државниот празник Илинден, на 2-ри август испрати честитка до неговиот македонски колега во која стои:

„Да ги оставиме политичките интерпетации на историјата во минатото, а нашите општeства и држави искрено да се придржуваат кон евроатлантските вредности на слобода, човекови права, демократија и владеење на законот владеење на правото. Цврсто сум убеден дека само така можеме да ја постигнеме посакуваната економска благосостојба која сите ние ја посакуваме”.

Попоски во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик наведува реализација на конкретни проекти.


„Од македонска страна, гледаме можност за европски пристап кон билатералните и регионалните односи. Тоа значи: 1. поголема отвореност, 2. трговија и размени со сите соседи, 3. многу динамична комуникација. Ова е на Балканот некогаш повидливо пред да влезете во Унијата. Инфраструктурата е најчесто клучот: коридорот 8, патно и железнички, трите гранични премини кои може да ја зголемат отвореноста. Секако и преку динамика на средби на сите нивоа, политичко и практично. За нас, тоа се приоритети“, смета шефот на македонската дипломатија.

Министерот Попоски во оваа прилика упати апел до соседите да ја искористат својата позиција на земја-членка на ЕУ што овозможува квалитативно да се придонесе во развојот на односите.

“Соседот кој е веќе во ЕУ може многу да стори за ваквото поврзување да настане поскоро. Корисно е да се насочат напорите повеќе кон можностите за просперитет во иднина отколку кон оние кои се пропуштиле во минатото.

Посакуваме претставниците од регионот во Брисел да бидат шампиони во промовирање на ваков пристап. Можностите за вакво дејствување се неограничени”, изјави министерот Попоски.

За активностите на земјите од регионот во насока на интеграција на Балканот во ЕУ, Попоски коментира дека понекогаш се случува некои држави - без да прецизира за кого станува збор - попрво да ставаат сопки на патот на Балкнот кон Европа отколку да ја забрзуваат неговата интеграција.

“Се случува некои од нив да остават впечаток дека поставувањето на сопки им е омилена вонолимписка дисциплина. За среќа на сите, вистинските визионери работат на интегрирање на регионот. Секој кој сака да твори за обединет Балкан, во обединета Европа е корисен. Почит кон демократските принципи и реципрочно уважување на посебностите се во интерес на европеизирање на односите помеѓу балканските држави”, наведува министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во изјавата за Гласот на Америка на македонски.
XS
SM
MD
LG