Линкови за пристапност

2011-та исполнета со предизвици на глад и сиромаштија


2011-та исполнета со предизвици на глад и сиромаштија

2011-та исполнета со предизвици на глад и сиромаштија

Институтот Ворлдвоч вели дека премногу луѓе во 2011-та живееле со помалку одошто им требало. Една милијарда луѓе биле гладни и исто толку неписмени.

Даниел Нирнберг од Институтот Ворлдвоч вели дека милијарда луѓе оделе секоја ноќ на спиење гладни, тоа не било од причини што немало доволно храна:

„Ние произведуваме повеќе од доволно храна во светот не само да ги нахраниме седумте милијарди луѓе кои денес се на земјата, туку 9 и 11 милијарди луѓе. До 2050, очекуваме популацијата да биде околу 9,5 милијарди луѓе, а сега произведуваме доволно храна за сите нив. Но, прашањето е како да ја донесеме храната до оние на кои најмногу им треба. Сиромаштијата навистина го попречува напредокот кон подобра исхрана за луѓето – не само со жито, туку и овошје и зеленчук.“

Директорот на Проектот хранлива исхрана на планетата вели дека покрај сиромаштијата и недостигот на пристап до храна, голем дел од храната е едноставно изгубена.

„Дваесет до педесет проценти од глобалната продукција на храна се губи уште пред да стигне до луѓето. И ова е навистина морален проблем ако ги земете предвид сите гладни во светот. Добра вест е што тој процент на глобално загубена храна е лесно да се спречи. Тоа можеме да го правиме во нашите домови. Треба подобро да ги планираме оброците и да не купуваме толку храна. Во развиениот свет има системи за складирање што им помагаат на фармерите да ја заштитат својата храна од болести и штетни инсекти, мувла и фунгус“, вели таа.

Дел од проблемот со неухранетост е недостаток на микрохранливи материи.

Изразен недостаток на витамин А, железо и јод имаат долгорочни последици. На пример, недостиг на витамин А кај децата може да доведе до слепило. Недостиг на железо кај бремени жени може да предизвика голем број компликации.

„Еден од најголемите проблеми во светот во моментов е што продуцираме многу калории. Многу продукти произведуваме од скроб, зашто тоа ги држи луѓето сити и нахранети, но не обрнуваме многу внимание на производство на овошје и зеленчук, каде всушност се тие есенцијални микрохранливи материи.“

Нирнберг вели дека недостигот на квалитетна храна не значи дека погодените луѓе се слаби. Може да биде сосема спротивно. Тие може да бидат не само дебели, туку и гојазни.

Директорот на проектот на Ворлдвоч институтот посочува и на друга врска што на прв поглед не се гледа - неписменоста и неухранетоста:

„Кога луѓето, особено фармерите, немаат образование што им треба за да живеат продуктивен живот, тие не можат да стекнат нови вештини. Во суб-Сахарска Африка, жените фармери особено немаат пристап до образование. Ова ги спречува не само да научат нови технологии за одгледување на житарките, туку ги спречува да имаат пристап до финансиски и банкарски услуги. Тие не можат да имаат банкарски сметки. Не можат да купат земја. Не можат да купат што им треба за да ги направат нивните растенија попродуктивни. “

Сепак, Нирнберг вели, и покрај сите предизвици, Ворлдвоч верува во надежна иднина. Има се` поголем број иновативни проекти за адресирање на гладта и сиромаштијата, додека во исто време се штити животната средина, вели таа. Посебно што овие програми ги ставаат локалните производители на храна во контакт со училиштата.

XS
SM
MD
LG