Линкови за пристапност

„Судско малтретирање на Фокус“

  • Синиша Станковиќ

ССНМ го пренесува коменарот на Репортери без граници на пресудата против новинарите на изданието.

„Репортери без граници силно го осудуваат судското малтретирање на Фокус, една од последните независни публикации во Македонија. Уште еднаш, судот во Скопје го осуди Фокус на несразмерно висока парична казна што, се чини, има за цел да се затвори последниот независен неделник во Македонија“, се вели во реакцијата на меѓународната организација Репортери без граници, по повод пресудата за клевета против двајца новинари на неделникот Фокус, од периодот кога работеа во истоимениот дневен весник што згасна по контроверзната смрт на сопственикот, новинарот Никола Младенов.

Во одговорот на Репортери без граници на информацијата од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), испратен до претседателката на Синдикатот Тамара Чаусидис, а објавен на Интернет-страницата на ССНМ, во врска со казната пресудена во корист на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, стои дека „ако правдата мора да биде спроведена, и нормално е дека клевета треба да биде санкционирана со закон, судијата мора да има на ум за што тука станува збор: за правото на јавноста да биде информирана од независни извори на информации, кои се сѐ поретки во земјата. Во овој случај, ваквиот баланс не е почитуван и слободата на печатот повторно ќе страда. На земја рангирана на 116-тото место во последниот Индекс на слободата на светскиот печат, не и` треба уште една деградација“.

Тужителот Мијалков досега нема дадено коментар на пресудата.

На казната, што заедно со судските трошоци на адвокатот на тужителот изнесува околу 9.000 евра, претходно реагираше и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Здружението „најостро реагира на пресудата на судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот суд Скопје 2, со која драконски се казнети за клевета новинарот Владо Апостолов и уредникот на неделникот Фокус, Јадранка Костова. Ова е прва осудителна пресуда против новинари според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета која може да се процени како сериозна непријателска порака кон новинарите на Македонија. Со пресудата новинарите се заплашуваат и обесхрабруваат да информираат и истражуваат за одговорноста на јавните функционери што е една од главните принципи на новинарството низ целиот свет“.

Репрезентативната новинарска асоцијација потенцира дека и според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, македонските судови, при донесување на пресудите сe обврзани да ги почитуваат одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и становиштата содржани во пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Судот мора да има во предвид дека тужителот, во овој случај директорот на УБК Сашо Мијалков, е носител на јавна функција и дека Европскиот суд за човекови права има воспоставено принцип дека границите на прифатлива критика кон политичарите е поширока во споредба со приватните личности. Дополнително, Судот мора да го има во предвид критериумот за пропорционалност што Европскиот суд за човекови права го применува во секоја своја одлука. Казната од 6.000 евра е непропорционална во однос на приходите кој ги остваруваат новинарите и може да доведе до затварање на неделникот Фокус“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека и според Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда се предвидува исклучување на одговорност за клевета на новинарот (уредникот, медиумот) ако пренесува тврдење што е јавно соопштено од друг, како во конкретниот случај со тужбата на Мијалков, кој всушност реагира на тврдењата на ексамбасадорот на Македонија во Чешка, Игор Илиевски.

ЗНМ изразува надеж дека Апелациониот суд во Скопје, во жалбената постапка ќе ги земе предвид одлуките на Судот од Стразбур.

По соопштувањето на пресудата против новинарите, реагираше и ССНМ со коментар дека драконските казни се јасен показател за односот на судската власт кон слободното новинарство од една, и власта од друга страна: „Исходот на тужбата на Мијалков против Фокус не е изненадување, туку уште една потврда дека проблемот со слободата на изразување и практицирање на професионално и критичко новинарство не е прашање на декриминализација или која било друга законска материја, туку прашање на немање елементарен демократски капацитет кај носителите на извршната, но и судската власт“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG