Линкови за пристапност

9.000 евра отштета за шефот за УБК и за неговиот адвокат

  • Синиша Станковиќ

Без реакција од Мијалков; пресудата ја осудија казнетите новинари и ССНМ.

Судијката Јованка Спировска-Панева од Основниот суд Скопје 2 пресуди дека двајца новинари на дневниот весник „Фокус“, што згасна по контроверзната смрт на неговиот сопственик Никола Младенов, мора да платат надоместок во вкупна висина од околу 9.000 евра на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, „за нарушување на неговата чест и углед“. Јадранка Костова е казнета со 5.000 евра, Владо Апостолов со 1.000 евра, а мора да ги платат и судските трошоци на адвокатот на тужителот Мијалков, Антонио Апостолски, во висина од 3.312 евра.

Весникот и новинарите се осудени поради објавување на два текста со пренесени изјави на поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Игор Илиевски. И самиот ексамбасадор е осуден на казна од 10.000 евра, но тој по напуштањето на функцијата не се врати во Македонија, а со македонската јавност комуницира само со дописи, во кои продолжи со обвинувањата кон Мијалков и со тврдењата дека бил принуден да се крие во странство.

Тужителот Мијалков, кој за време на судењето не се појави на ниту едно рочиште и не обезбеди и приложи психијатриско вештачење „за претрпените душевни болки“ за кои бараше парична оштета, не даде изјава за пресудата.

Реагираа осудените новинари. Уредничката на тогашниот дневен весник „Фокус, и на актуелниот истоимен неделник, Јадранка Костова, изјави дека „со ваквиот судски аршин - за пренесена изјава од релевантен извор, човек кој оваа власт го назначи за државен секретар во МНР, а потоа и амбасадор во Чешка, да бидеме казнети со околу 9.000 евра - можеме комотно да ставиме катанец на Фокус. Или, можеби и тоа им е целта“.

Осудениот новинар во дневниот весник „Фокус“, а денес заменик на главниот уредник на неделникот, Владо Апостолов, изјави дека навистина, новинарите се осудени за пренесена изјава на ексамбасадор, но „од друга страна, мислам дека поминавме сосема добро. Во земја каде новинари завршуваат во затвор или загинуваат во сообраќајки под многу чудни околности, ние треба да сме пресреќни само со парична казна“. Апостолов предупреди дека целата македонска јавност треба да се праша зошто нема ни трага ни глас од ексамбасадорот Илиевски, откако ги дал изјавите за „Фокус“!

Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, според кој казните досудени по тужба на шефот на службата за безбедност Сашо Мијалков се јасен показател за односот на судската власт кон слободното новинарство од една, и власта од друга страна: „Брзите и високи казни за новинарите, надополнети со исклучително високи судски трошоци, кога како тужител се јавува носител на јавна функција, ја илустрираат тенденцијата во Македонија за гушење на слободата на изразување и непочитување на фундаментите на демократската пракса која почива на максимата дека новинарството има задача и должност да ја преиспитува и критикува работата на власта. Исходот на тужбата на Мијалков против Фокус не е изненадување, туку уште една потврда дека проблемот со слободата на изразување и практицирање на професионално и критичко новинарство не е прашање на декриминализација или која било друга законска материја, туку прашање на немањето елементарен демократски капацитет кај носителите на извршната, но и судската власт“.

Според ССНМ, „казните за новинарите на Фокус се показател за исклучително непријателскиот и репресивен амбиент во кој функционираат новинарите во Македонија за што синдикатот ќе ги информира сите релевантни меѓународни организации на новинарите, вклучително и Меѓународната федерација на новинарите каде ССНМ е полноправна членка“.
XS
SM
MD
LG