Линкови за пристапност

Над 300 заболени од грип во Македонија

  • Соња Трајковска

Здравствените лица очекуваат заболувањето да достигне врв кон крајот на овој и почетокот на следниот месец.

Над 300 случаи на заболени од грип се регистрирани во Македонија во првите две недели од оваа година. Според Министерството за здравство, само четири случаи се со потешка клиничка слика, а од нивните примероци за лабораторија само кај едно лице е изолиран вирус од типот А, но се уште не се знае дали се работи за Х1Н1 или тнр. свински грип.

Јованка Костовска, раководителката на Секторот за превентивна здравствена заштита, вели дека може да се очекува и во Македонија да се појави случај на свинскиот грип, особено што во соседството, во Србија веќе се регистрирани такви, а на Косово има и смртен случај.

Здравствените лица очекуваат грипот во Македонија да достигне врв кон крајот на овој и почетокот на следниот месец.

„Зголемување на бројот на заболени од грип се очекува по завршувањето на зимскиот распуст на учениците. Министерството за здравство веќе му се обратило на Министерството за образование да преземе превентивни мерки во училиштата“, рече Костовска

Како ризични групи, Костовска ги наведе децата помали од две години, бремените жени, лицата со намален имунитет, хронично болните и постарите лица. Таа апелираше, доколку некој од овие категории заболи од грип, без оглед дали е со полесни симптоми, веднаш да почне терапија со лекот тамифлу.

Според Костовска, здравствените власти во Македонија се задоволни од редовната вакцинација против грип, со која биле опфатени 30.000 луѓе.
XS
SM
MD
LG