Линкови за пристапност

Бибер: Изборите во Македонија нема да решат се`

  • Јулија Велковска

Гласот на Америка на македонски побара мислење од експерт за Југоисточна Европа во однос на политичката ситуација во Македонија

„Во Македонија во моментов нема услови за организирање на веродостојни парламентарни избори“, смета Флоријан Бибер, професор по политички науки и историја на Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот Грац, Австрија, во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Секогаш е проблем кога се поставуваат вештачки рокови, бидејќи се јавува ризик да бидете затечени од нив, наместо да се фокусирате на актуелните услови“, додава Бибер.

Овој експерт вели дека се чини во моментов има отстапки од фокусот ексклузивно на избори на крајот на април, во насока на можно поместување на датумот и нивно организирање кога ќе се создадат поповолни услови за тоа. „Суштината е побитна од самиот датум. Датумот е корисен да се постави рок и да се изврши притисок врз политичкиот систем и лидерите за спроведување на реформите, но сето тоа многу зависи од политичката волја на теренот“, вели тој.

Според него, ова се мошне важни избори и ќе бидат одлучувачки фактор за, како што кажа, успех или пад, и за позицијата и за опозицијата. „Мошне е јасно дека учесниците ќе се обидат да ги натежнат изборите на своја страна, а актуелната Влада има предност да го стори тоа“.

Запрашан за можните ризици во целиот процес, тој издвои неколку: „Избори во кои не учествува опозицијата, ќе бидат нелегитимни“, вели Бибер. „Ќе доведе до ситуација во која Парламентот нема да има мандат, а тоа нема да ја реши политичката криза, туку напротив, само ќе ја влоши“. Тој додава дека токму затоа постои силен мотив кај САД и ЕУ да се обезбеди учество на опозицијата во изборите.

Како втор ризик ја наведува можноста актуелната Влада да ги добие изборите во услови на „еден отворен, но полуслободен процес, а резултатот ќе биде консолидирање на моќта и спречување на каква било сериозна истрага по наводите за нерегуларни избори обелоденети минатата година“. Притоа, вели тој, Владата ќе избегне истрага за сериозни или наводно сериозни прекршувања на основните демократски принципи. „Не сугерирам дека единствениот начин да се избегне овој ризик е преку победа на опозицијата на овие избори, но сметам дека треба да има процес којшто ќе обезбеди дека ќе продолжи независната истрага по наводите за измами по завршување на изборите, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не даде индикации дека има интерес да влијае врз сериозна, независна истрага“, изјави Бибер.

Овој експерт е категоричен дека во Македонија постои голема неизвесност, не само околу изборите, туку и „целиот процес за да се обезбеди дека земјата ќе се врати на патот на консолидирање на својата демократија“. „Како што и порано било случај со земји од Балканот и пошироко, ако се стави преголем акцент на изборите, тие наместо да ги решат, може да се случи да креираат нови проблеми. Изборите едноставно не се единственото решение за надминување на други, многу подлабоки проблеми со кои се соочува одредена земја.

XS
SM
MD
LG