Линкови за пристапност

Обама: Коми е човек со интегритет


Портпаролот на Белата куќа кажа дека американскиот претседател никогаш не би ја „одбранил ниту критикувал“ одлуката на директорот на ФБИ повторно да отвори истрага за имеил пораки поврзани со приватен сервер на демократката Клинтон

Претседателот Барак Обама не верува дека директорот на ФБИ Џејмс Коми, се обидува тајно да влијае на исходот на изборите, истакна портпаролот на Белата куќа Џош Ернест. Тој додаде дека Обама никогаш не би ја „одбранил ниту критикувал“ одлуката на Коми повторно да ја отвори истрагата за дополнитоно откриените имеил пораки од приватен сервер на демократката Хилари Клинтон, и дека верува оти директорот на ФБИ е „човек со интегритет“.

Додека демократите го осудија чекорот на Коми, за време на говор во Мичиген, Трамп кажа дека на овој човек му е потребна „голема храброст“ да го стори тоа.

Клинтон, која се наоѓа на кампања во Охајо, пред своите симпатизери кажа дека е сигурна оти истражителите во новата истрага, ќе дојдат до истиот заклучок, како во случајот кога ги проверуваа нејзините имеил пораки. „Овде не постои случај“, подвлече таа.

Додека Федералното истражно биро (ФБИ) доби налог да почне со анализа на дополнителните имеил пораки што можат да бидат релевантни за истрагата на користењето на приватниот имеил сервер од страна на Хилари Клинтон додека била на функцијата државна секретарка, демократите сугерираат дека тајмингот и одлуката за повторно отворање истрага по ова прашање, се политички мотивирани.

Истражителите на Бирото неколку недели претходно знаеле дека електронските пораки пронајдени во одвоената истрага можно да се поврзани со случајот на Клинтон, но не го обелодениле тоа се` до петокот, 11 дена пред претседателските избори.

Лидерот на сенатското малцинство Хари Рид, кажа дека Џејмс Коми, директорот на ФБИ, ја користел својата функција да влијае на изборите и правејќи го тоа, можно е да го прекршил законот. Во писмо објавено во неделата Рид воедно го обвини Коми за игнорирање на барањата да објави „експлозивни информации“, за врските меѓу кампањата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и Русија. Сенаторот верува дека ФБИ поседува вакви информации.

Поранешниот главен правобранител Ерик Холдер и 100-тина поранешни виши претставници и правобранители од Одделот за правда, исто така изразија загриженост за најавата на Коми за повторно отворање на истрага, како и за тајмингот да го стори тоа, на повеќе од една недела до изборите. Тој додаде дека американскиот народ заслужува да ги знае сите обелоденети информации, за да има комплетна слика за ситуацијата.

Републиканскиот потпретседателски кандидат, Мајк Пенс ја одбрани одлуката на Коми за да испрати писмо до Конгресот, нарекувајќи го пример за вистинско лидерство.

Коми во петокот издаде меморандум до вработените во Бирото, образложувајќи ја одлуката да им се обрати на конгресните лидери со најновите информации. Нагласувајќи дека ФБИ вообичаено не го известува Конгресот за тековни истраги, Коми додаде дека чувствувал обврска да го стори тоа бидејќи сведочел пред тој Конгрес дека истрагата е завршена. Тој кажа и дека верува дека ќе биде погрешно пред американскиот народ, ако податоците не бидат обновени.

Најновите настани Трамп ги искористи како дополнителен доказ за потврда на една од неговите главни теми во кампањата: недоверливоста на Клинтон. Во говор во Њу Мексико тој рече дека истрагата за електронските пораки на Клинтон е „најголемиот скандал после Вотергејт“. „Глас за Хилари, е глас да се препушти нашата Влада на корупција, мито и несоодветно стекнување позиции, со кои се заканува опстанокот на Уставот“, рече републиканскиот кандидат во Колорадо.

Менаџерката на неговата кампања Келиен Конвеј додаде:

„Има постојан облак на корупција кој ја следи Хилари Клинтон. ФБИ да го направи овој потег на 11 дена пред изборите, значи дека мора да постои нешто“.

Најновите имеил пораки биле откриени во одвоена истрага на ФБИ за поранешниот конгресмен Антони Винер, сопруг на главната асистентка на Клинтон Хума Абедин. Винер е обвинет за размена на електронски пораки со сексуална содржина со 15-годишно девојче. Посебните имеил пораки, за која ФБИ верува дека може да се релевантни за истрагата за Клинтон, биле пронајдени во компјутер кој наводно заеднички го користеле Винер и Абедин.

Откако федерланите власти отворија истрага за Винер, тој и Абедин се разделија.

Кампањата на Клинтон и демократите беа задоволни кога во јули Коми кажа дека истрагата на ФБИ за имеил пораките на Клинтон, кога била државна секретарка, е затворена без да се покрене кривично обвинение.

Но, можноста истрагата да се повтори ги исплаши демократите.

„Навистина е чудно да изнесете вакво нешто, со многу малку информации, токму пред изборите“, рече Клинтон.

Потпретседателскиот кандидат Тим Кејн за телевизијата Еј-Би-Си изјави:„Ова е крајно збунувачки. Нема начин да ги разберам овие постапки. Ова е без преседан“, рече Кејн.

Американскиот потпретседател Џо Бајден, воочи објавувањето на истрагата на ФБИ, за Си-Би-Ес рече дека Клинтон се соочува со „двоен“ стандард кога се работи за доверливост.

Милиони Американци веќе почнаа со гласање, а каков ефект ќе има истрагата на ФБИ, се` уште не е јасно.

Според најновите анкети на национално ниво демократката Хилари Клинтон води пред републиканецот Доналд Трамп со 1 до 3 проценти.

Анкетите покажуваа тесна трка меѓу кандидатите, и пред најавата за истрагата минатиот петок.

XS
SM
MD
LG