Линкови за пристапност

Отворени прашања по oтпуштањето на директорот на ФБИ


Коми држел говор пред група на вработени во ФБИ во Калифорнија кога дознал дека бил отпуштен од работа. Досега, тој не даде изјава за јавноста

Откако претседателот Доналд Трамп го отпушти директорот на Федерално истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, многумина покренаа прашања во врска со статусот на истрагата на агенцијата, за наводното руско мешање во претседателските избори во САД.

Коми држел говор пред група на вработени на ФБИ во Калифорнија, кога дознал дека бил отпуштен од работа. Досега, тој не даде изјава за јавноста.

Причините за неговото разрешување биле наведени во две одделни писма потпишани од јавниот правобранител Џеф Сешнс и неговиот заменик, Род Розенстаин. Тие го обвинуваат Коми дека го земал законот во свои раце.

Коми „направи сериозни грешки“ со заклучокот од истрагата за електронските пораки на противничката на Трамп за време на изборите, Хилари Клинтон, пишува Розенстаин обвинувајќи го директорот на ФБИ за узурпирање на овластувањата на јавниот правобранител, кога Коми заклучил дека не треба да има кривично гонење за поранешната државна секретарка.

Не е јасно зошто Трамп ја презеде акцијата сега, во врска со настани што се случиле месеци порано.

Републиканскиот член на Комисијата за правосудство во Сенатот, Линдзи Греам, кажа дека „со оглед на неодамнешните контроверзи околу директорот, верувам дека нов почеток ќе биде добар за ФБИ и за нацијата“.

Но, за други републикански членови на Конгресот одлуката на претседателот е неправична.

Сенаторот Ричард Бур, претседател на Комисијата за избор во разузнавањето, изјави дека е „вознемирен од времето и причините“ за отпуштањето на Коми. Тој чекорот го нарече „загуба за Бирото и за нацијата.“

Републиканецот Џон Мекејн, кој раководи со Комисијата за домашна безбедност и владини прашања, во соопштение кажа дека „иако претседателот има законско овластување да го отстрани директорот на ФБИ, јас сум разочаран од одлуката.

Републиканскиот сенатор, Џеф Флејк, на Твитер напиша - „последните неколку часа ги поминав обидувајќи се да најдам прифатливо образложение за времето на отпуштање на Коми. Не најдов“.

Републиканскиот конгресменот Џастин Амаш, исто така на Твитер кажа дека тој „врши ревизија на законодавството за воспоставување на независна комисија за Русија“ и писмото со одлуката на Трамп за отпуштање на Коми го нарече „бизарно,“ истакнувајќи дека директорот на ФБИ постојано го уверувал претседателот дека тој не е под истрага.

Демократските членовите на Комисијата за правосудство при Сенатот одлуката на Трамп ја нарекоа „никсонистичка“ – алудирајќи на отпуштањето на официјални лица во текот на истрагата за скандалот „Вотергејт“ во раните 1970-те години од страна на претседателот Ричард Никсон.

Демократските сенатори повикуваат на назначување на специјален обвинител за продолжување на истрагата на Одделот за правда во врска со наводните врски меѓу претседателската кампања на Трамп и Русија.

Во Сенатот, демократот Дик Дурбин, кој е член на Комисијата за правосудство, изјави дека секој обид да се запре или да се поткопа истрага на ФБИ за руското мешање во претседателската кампања „ќе отвори тешки уставни прашања“.

Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, кажа дека тој на Трамп му рекол дека „ќе направи многу голема грешка“ со отпуштањето на Коми, во време кога се спроведуваат различни истраги поврзани со кампањата на претседателот од 2016-та година. „Зошто токму сега?“, додава Шумер. „Дали луѓето ќе се сомневаат за прикривање? Апсолутно“.

„Меморандумот на Розенстаин се заснова на долготрајните принципи кои се однесуваат на кривичната истрага, но времето - тоа е проблематично, и загрижувачки,“ изјави за Гласот на Америка професорот по право на Универзитетот Џорџ Вашингтон, Џонатан Турли.

Неколку часа по отпуштање на Коми, тв-мрежата „Си-Ен-Ен“ (CNN) објави дека неодамна биле испратени судски барања од големата порота од судот во Александрија, Вирџинија во врска со истрагата на ФБИ, со барање за деловни записи од соработници на Мајкл Флин, кој од Трамп беше отпуштен како советник за национална безбедност.

Судските барања се прва значајна акција во истрагата на владата за можните врски на соработниците на Трамп од претседателската кампања со Русија.

Претходно, ФБИ го извести Конгресот дека Коми го пренагласил клучниот наод во истрагата за електронските пораки на демократката Хилари Клинтон за време на неговото сведочење во Конгресот минатата недела. Во документот се вели дека Коми погрешил кога пред истражниот панел во Конгресот рекол дека помошничката на Клинтон, Хума Абедин во периодот од 2009-та година до 2013-а година испратила „стотици и илјадници“ електронски пораки од Клинтон кога била државна секретарка, до нејзиниот сопруг, конгресменот Ентони Винер. Вистинската цифра е далеку помала, изјавија официјални лица.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG