Линкови за пристапност

Директорот на ФБИ објави дека истрагата за електронската преписка на Хилари Клинтон е завршена

Директорот на Федералното истражно биро Џејмс Коми кажа дека ФБИ верува дека нема основа за соодветни обвиненија во случајот дали Хилари Клинтон постапила погрешно со класифицираните информации во времето кога беше државна секретарка.

Во саботата Клинтон имаше тричасовна средба со истражителите од ФБИ за да разговара за приватниот сервер кој таа го користела за службена работа.

Коми кажа дека иако има докази за можен прекршок „наше мислење е дека нема разумен обвинител кој би отворил случај.“

Тој кажа дека Клинтон користела неколку други сервери и неколку мобилни апарати за лични и службени електронски пораки. Во истрагата ФБИ, ги прочитале сите 30.000 електронски пораки.

Коми кажа дека 110 пораки, во 52 дописки содржеле класифицирани информации во времето кога биле испратени. Тој додаде дека во 8 дописки имало информации класифицирани како строго доверливи.

Според Коми, истрагата не пронашла доказ дека Клинтон намерно избришала службени пораки. Но додаде дека Клинтон и нејзините соработници „биле многу невнимателни во ракувањето со класифицираните информации.“

Коми наведе дека постои можност непријателски актери да оствариле пристап до нејзината електронска пошта. Тој додаде дека Клинтон „во голема мера“ ги користела приватните сервери додека престојувала во други земји.

Клинтон објасни дека користењето на електронска пошта на приватни компјутерски сервери, наместо нејзината службена пошта која се наоѓа на владин сервер било од причина што таа сакала нејзината приватна кореспонденција да остане на безбедно. Аналитичарите велат дека користењето на ваквите сервери било по небезбедно отколку користењето на владините.

Во најновите две истражувања на јавното мислење, околу две третини од испитаниците ја поставиле под прашалник нејзината искреност и искажале загриженост за нејзината доверливост.

Републиканците долго време се обидуваат да го искористат она кое го нарекуваат како една од најголемите слабости на Клинтон, а Трамп ја нарекува „лажливката Клинтон“ и други обвиненија за тоа дека таа ужива посебен третман.

XS
SM
MD
LG