Линкови за пристапност

Директорот на ФБИ на распит во Сенатот за изборите во САД


Џејмс Коми опширно говореше за потребата да ја обнови истрагата за Хилари Клинтон непосредно пред изборите, а стана збор и за наводното мешање на Русија

Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми, денеска повторно на распит за неговата улога во минатогодишните претседателски избори, вклучувајќи ја и одлуката на Бирото, 11 дена пред изборите да објави дека повторно ја отвора истрагата за демократката Хилари Клинтон. Клинтон се товареше дека погрешно постапила со доверливи материјали, со тоа што додека била на функцијата државна секретарка, користела приватен имеил сервер.

Коми сведочеше пред Сенатската Комисија за правосудство.

Влијателната сенаторка во Комисијата, Дајен Фаинстајн, го запраша првиот човек на ФБИ за неговата одлука да ја обнови истрагата токму пред изборите.

Коми истакна дека биле откриени значајни информации за електронските пораки на Клинтон на лаптоп комјутерот на поранешниот конгресмен Ентони Винер, по што било неопходно, според него, Конгресот да биде информиран дека ФБИ ја обновува истрагата:

„Тоа беше страшно. Ми создава блага мачнина, да се размислува дека можно е да сме имале одредено влијание на изборите. Но, искрено, тоа нема да ја смени одлуката. Секој кој не се согласува со мене, мора да се врати на 28-ми октомври, да погледне во материјалите, и да ми сугерира - што би сторил. Дали да се каже, или да се сокрие? Можеби грешам, но искрено ја донесовме одлуката помеѓу овие две опции, и иако ова беше едно од најболните искуства во светот, јас би ја донел истата одлука, не би го сокрил тоа на 28-ми октомври од Конгресот“, истакна Коми.

Тој беше и опширно прашуван за наводното руско мешање во изборите во корист на претседателот Доналд Трамп. Коми ова генерално го опиша како тековна истрага, но не даде многу детали.

Од него беше побарано и да потврди дека нема докази оти претседателската кампања на Трамп била под надзор, како што тврдеше американскиот претседател. Тој одговори дека не постојат такви докази.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG