Линкови за пристапност

Во акцијата „Јагула“ приведен поранешниот градоначалник на Охрид

  • Борјан Јовановски

Со група соработници осомничен за злоупотреба на буџетот на општината

Во полициската акција „Јагула“ рано изутринава е приведен поранешниот охридски градоначалник Александар Петрески и тринаесет негови соработници. Тие се осомничени за злоупотреба на парите од буџетот на Општината Охрид.

Според истрагата, од 2007-ма до 2013-та година, осомничените направиле голем број злоупотреби со општинските пари, спроведувале лажни тендери, примале поткуп, переле пари, ги мамеле доверителите, со што го оштетиле охридскиот буџет за речиси 48 милиони денари, а групата присвоила над 148 милиони денари, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Приведените денеска попладне беа однесени на распит во Основиот суд во Охрид. Поранешниот градоначалник на Охрид во неколку наврати беше повикан на разговор во тамошната полиција додека се водеше истрагата, при преглед на документите од финансиското работење додека раководел со Општината.

Според МВР, Петрески се товари дека е предводник на „злосторничкото здружение“ од 16 лица што во континуитет било вмешано во криминални активности, во корист на повеќе правни и физички лица блиски до членовите на криминалната група. Меѓу приведените се соработници на поранешиот градоначалник во Општината Охрид, како и тројца сопственици и управители на фирми. Според обвинението, целта била во постапките за јавни набавки да им се даде предност на фирмите блиски на групата. Во обвинението се наведува дека управителите на приватните фирми доставувале лажни фактури, а изведувале градежни работи по усна наредба на градоначалникот, без да биде објавен тендер за јавна набавка.

Со реакција се огласи СДСМ, чиј член е Петрески, како и некои од неговите поранешни соработници. Власта прави монтиран процес за да го одвлече вниманието на јавноста од секојдневните проблеми, сметаат во СДСМ. Томислав Тунтев, потпретседател на огранокот на партијата во Охрид, коментираше дека изгубената доверба во судството, селективната правда, контролата на власта врз судството се нотирани во Извештајот на ЕК и Извештајот на Стејт департментот, како и дека и овој случај претставува политичка хајка и пресметка со неистомислениците со власта.

XS
SM
MD
LG