Линкови за пристапност

Македонија да му плати на Ел-Масри 60.000 евра

  • Борјан Јовановски

Калед ел-Масри

Калед ел-Масри

Вака реши Европскиот суд за човекови права, пресудувајќи дека државата во случајот прекршила неколку членови на Европската конвенција за заштита на човековите права.

Големиот судски совет на Европскиот суд, одлучувајќи по жалбата на германскиот граѓанин од либанско потекло Калед ел-Масри, реши дека Македонија го повредила Членот 3 од Европската конвенција за човекови права со кој се забранува нечовечко однесување, Членот 5 кој го регулира правото на слобода и сигурност, Членот 8 кој се однесува на приватниот и семеен живот, како и Членот 13, кој го определува правото на правично судење. Поради тоа, Македонија на Ел-Масри треба да му исплати отштета од 60 илјади евра.

Ел-Масри ја поднесе тужбата во 2009-та година, тврдејќи дека на крајот на 2003-та бил уапсен и измачуван во Скопје под сомнение дека припаѓал на терористичка организација, а потоа бил предаден на ЦИА, која, според него, го држела во таен притворен центар во Авганистан. Судот одлучи дека Македонија е одговорна за неговата тортура и несоодветен третман, и во земјата, и по префрлањето во надлежност на американските власти.

Случајот беше предмет на критики од повеќе меѓународни организации, меѓу кои и Советот на Европа и Европскиот парламент.

Македонија нема право на жалба на одлуката.

Од пресудата произлегува и обврската за Македонија да обезбеди правни лекови што би овозможиле ефикасна истрага во вакви ситуации, нагласи во телефонската изјава за Гласот на Америка поранешната судијка во Европскиот суд, Маргарита Цаца Николовска. Според неа, повредата на наведените членови, пред се` оној кој се однесува на тортура и нехумано однесување, го доведуваат во прашање имиџот на Македонија.

„Од оваа пресуда Македонија треба да извлече поука и да обезбеди правни лекови и процедури со кои се овозможува ефикасно постапување во случаи кога некој се жали дека му се повредени правата од споменатите членови во Конвенцијата”, изјави Николовска.

Македонската информативна агенција (МИА) го цитира Костадин Богданов, в.д. директор на Бирото за застапување на Македонија пред Европскиот суд за човекови права, кој тврди дека изјавата на поранешен министер за внатрешни работи била клучен доказ за пресудата. МИА го пренесува Богданов дека станува збор за министер за внатрешни работи, со иницијали Х.К.

„Станува збор за министер за внатрешни работи, а тоа го пишува во пресудата и неговиот идентитет може да се воочи. Сепак, Судот ја смета неговата изјава како еден клучен доказ во целата работа за да утврди што се случило и дали има повреда или нема. Таква е пресудата за жал“, вели Богданов за МИА.

Во врска со денес изречената пресуда во Стразбур се` уште нема официјална реакција од властите во Македонија.
XS
SM
MD
LG