Линкови за пристапност

Србија започнува преговори за членство во ЕУ


Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј на прес-конференција петокот во Брисел

Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј на прес-конференција петокот во Брисел

Македонија не беше на дневниот ред на Европскиот совет.

Европскиот совет денеска донесе одлука за отпочнување на пристапни преговори со Србија најдоцна во јануари 2014-та година. Преговарачката рамка која во меѓувреме треба да ја донесе Европската комисија, а во контекст на имплементацијата на Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, до почетокот на наредната година уште еднаш треба да биде потврдена од Советот на министрите на ЕУ.

Првата меѓувладина конференција со Србија ќе се одржи најдоцна во јануари 2014-та. Во исто време, потврден е мандатот за преговори со Косово за Договорот за стабилизација и асоцијација, соопшти претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј, оценувајќи ја денешната одлука како историска. Во тој контекст, тој за понеделник најави дека ќе ги посети Белград и Приштина.

„Ова е навистина историски момент. Не треба да заборавиме што се случуваше неодамна во тој дел на Европа. Тоа беше една од најагресивните војни, а сега отвараме преговори со Србија“, изјави претседателот на ЕК Мануел Баросо.

Честитки до Србија и нејзините граѓани упати и генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен. Одлуката на лидерите на ЕУ покажува што може да се постигне со реформи и дијалог, се вели во честитката на Расмусен.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ рече дека ова е историски ден за неговата земја, а смета дека преговорите би можеле да започнат и пред јануари 2014-та.

Србија го сврти текот на својата модерна историја . Никогаш повеќе нема да бидеме изолирани, уморни и распнати помеѓу исток и запад“, изјави вицепремиерот на српската влада Александар Вучиќ.

Македонија, како што и се очекуваше, воопшто не се најде на дневниот ред на Европскиот совет. Портпаролот на ЕК Петер Стано изјави дека тоа е одлука на земјите-членки на ЕУ, а не на ЕК. Во изјавата дополни дека од Македонија се очекувало да ги реализира порано преземените обврски од првомартовскиот договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со кој беше предвидено пред денешната седница на Европскиот совет, македонската анкетна комисија за настаните од 24-ти декември да донесе и некои заклучоци околу причините за нив.
XS
SM
MD
LG