Линкови за пристапност

Европа со нови мерки против терористички напади


Властите во земјите од ЕУ поставуваат столбови, препреки, па дури и дрвја за заштита на т.н. „меки цели“

Европските влади воведуваат нови безбедносни мерки насочени против екстремистите кои користат автомобили, ножеви и други средства како оружје за напад врз цивили во градовите, во близина на знаменитости, споменици и туристички атракции.

Веднаш по нападот во Барселона на почетокот на август, во кој со комбе беа прегазени пешаци, следеше друг, со нож, во финскиот град Турку. Ова ги поттикна државните и општинските власти во Европа да ги разгледаат безбедносните мерки и да подигнат бетонски бариери за спречување на нападите од екстремистите.

Но, аналитичарите велат дека многу градски власти не се подготвени да воведат сигурносни мерки во „израелски стил“, а ги земаат предвид и трошоците и естетиката. „Не можеме да ја наполниме Барселона со заштитни столбови“, изјави за шпанска радио станица, Жоакин Форн, кој ги следи мерките за заштита во регионот на Каталонија.

Меѓутоа, полека, но сигурно, по секој напад отпорот ослабува, а производителите на столбовите и безбедносни бариери велат дека во последниве недели има зголемување на нарачките. Некои општински власти, вклучувајќи го и британскиот град Бирмингем, користат вода и дрвја за да обезбедат одредена заштита.

Во Европа годинава имаше десетина напади со автомобили.

Британските власти размислуваат да подигнат препрека во реката Темза, за да го заштитат Долниот дом на парламентот од можен напад со брод. Препреката беше препорачана од полицијата, по вежбата во која можеше да се види колку лесно екстремистите можат да пристапат до локацијата.

Во март, Британецот кој преминал во исламска религија, Калид Масуд, прегази пешаци на Вестминстерскиот мост, пред да убие полицаец.

Властите рекоа дека тесно соработуваат со полицијата, безбедносните и другите служби за да осигураат дека безбедносните мерки се ефективни и го покриваат секој степен на ризик со кои се соочува Парламентот.

Во Рим, властите подигнаа повеќе бариери околу градските обележја, за да спречат напад со автомобили. Но, естетиката жестоко се дебатира од општинските политичари и жителите во историскиот центар кој се спротивставува на грдите препреки. Неодамна беа поставени саксии со цвеќиња како барикади пред претседателската палата Квиринале. Слични садови се нарачани по нападот во Барселона, а веќе се инсталирани околу Римскиот форум.

Иако Италија е една од главните европски земји каде немало џихадистички напад, расте загриженоста дека е прашање на време кога тоа ќе се случи. Терористичката организација Исламска држава, често се заканува дека ќе го нападне италијанскиот главен град, особено Ватикан.

Во саботата, главниот помошник на папата Францис реагираше на видеото кое беше објавено на интернет минатата недела, во кое Исламската држава ги повикува „осамените волци“ да извршат напад со автомобили во Ватикан, велејќи дека „никој не може да не биде загрижен“.

Заштитните мерки во Ватикан драматично се зголемија по минатогодишниот напад во Париз, особено на улицата што води до главниот плоштад.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG