Линкови за пристапност

Дали 2015-та ќе биде година на фрагментација на Европа?

Со наближувањето на изборите во неколку држави од ЕУ, аналитичарите велат дека гласачите се чини дека ќе ги поддржат партиите на крајната десница и крајната левица, клучни за институциите на Унијата. Тие велат дека ЕУ, изградена на ветувањето за мир и напредок, има тешкотии во исполнувањето на ветеното.

Новата нормала во Европа е економска стагнација и политички хаос, нешто што малкумина го предвидоа.

Се` започна со глобалната финансиска криза во 2008-та, што се` уште и` тежи на Европа, вели Адриано Босони, аналитичар на глобалната компанија за разузнавање Strategic Forecasting, Inc., попозната како „Стратфор“.

„Она што започна како финансиска криза, прерасна во криза со невработеност, а мерките за штедење применети од европските влади креираа јаз меѓу гласачите и традиционалните елити, што е и објаснување за појавување на партиите скептични спрема Европа, националистичките и протестните партиите“, вели тој.

Напредокот ја држеше Европа заедно. Без него континентот се распаѓа. Босони вели дека дебатата дали да се користат инвестиции или реформи и мерки за штедење, за да се поттикнат проблематичните економии, е во средиштето на актуелната криза.

„Постојат земји кои сметаат дека за да се реши кризата, треба да трошите повеќе, да инвестирате повеќе, да се поттикне растежот преку пумпање повеќе пари во системот, што е став на Италија и Франција“, вели тој. „Но, од друга страна, има земји кои велат дека најпрво треба да спроведеме структурни реформи врз економијата, па дури потоа би можеле да си дозволиме да трошиме повеќе. Тоа е ставот на Германија“, додава Босони.

Економскиот експерт Клајд Престовиц, вели дека европската економија станала „германизирана“.

„Цела Европа е притисната да се развива главно преку извоз“, вели тој. „Бидејќи долговите се толку големи, Германците се категорични дека нема да се согласат да финансираат се` поголем долг“, смета Престовиц.

Додека долгот и мерките за штедење се доминантни политички прашања во јужна Европа, имиграцијата е главна тема во дебатите на север. Во Шведска, Британија и Холандија, голем дел од јавноста е против имигрантски бран од поранешна Источна Европа, како што се Полска, Романија, Бугарија.

Европските темели се разнишани и од движењата за отцепување во Шкотска и Шпанија.

Дури и поопасен е, според Престовиц, предложениот референдум за британското членство во ЕУ, сугериран од премиерот Дејвид Камерон.

„Референдумот во Британија, би можел да отиде против ЕУ, и во тој случај иницијатор за отцепување би бил Камерон, а тој е на чело на најглавната партија во Британија“, вели Престовиц, основач и претседател на Институтот за економска стратегија.

Референдумот во Британија, додава тој, можно е да покрене серија настани што не ќе можат да се контролираат и кои би би довеле до распаѓање на ЕУ како целина.

Годинава, избори ќе се одржат во Грција, Британија, Шпанија, Полска, Данска, Финска, Португалија и Естонија. Според повеќето анализи, највероајтните победници се партиите на крајната десница и крајна левица, кои сега се огласуваат против европските институции и партиите кои нив ги поддржуваат.

XS
SM
MD
LG