Линкови за пристапност

Без примена на Договорот од Пржино, Макeдонија може да ја загуби европската перспектива

  • Борјан Јовановски

Јоханес Хан: „Роковите и задачите се запишани црно на бело, а Брисел ќе го оценува и процесот кој ќе доведе до исполнување на секоја од поставените задачи“

Јоханес Хан: „Роковите и задачите се запишани црно на бело, а Брисел ќе го оценува и процесот кој ќе доведе до исполнување на секоја од поставените задачи“

Брисел ќе го оценува процесот на исполнување на поставените задачи, според еврокомесарот Јоханес Хан

Европската унија внимателно ќе го набљудува спроведувањето на договорот за надминување на политичката криза.

„Роковите и задачите се запишани црно на бело, а Брисел ќе го оценува и процесот кој ќе доведе до исполнување на секоја од поставените задачи“, изјави во интервју за Телма еврокомесарот Јоханес Хан.

Тој потенцираше дека од примената на договорот зависи и европската перспектива на Македонија.

„Македонија, едноставно, ќе го изгуби клучот кој треба да и` ги отвори вратите на европската интеграција, најверојатно во облик на губење на препораката за преговори“, рече Хан, упатувајќи апел до сите политички водачи да бидат свесни дека потпишувањето на договорот е само почеток на процесот.

Според најавите на Брисел, во септември, на дијалогот на вискоко ниво во Скопје ќе се оценува назначувањето на специјалниот јавен обвинител, а во октомври, во редовниот европски извештај - поставувањето на техничката влада и новите министри.

Истовремено, според Хан, трае обврската за темелна реформа на судството, државната безбедност и јавната администрација. Не смее да има одмор за институциите во Македонија, нагласи еврокомесарот.

На важноста од целосна примена на договореното предупреди и словачкиот шеф на дипломатијaта, Мирослав Лајчaк.

„Не можете да бидете сигурни дека договорот ќе биде имплементиран. Страните кои потпишаа треба да осигураат дека ќе биде имплементиран, а договорот е прилично специфичен околу тоа што треба да биде сторено и кога. Тоа што сакаме да го видиме е имплементацијата, почнувајќи со првиот чекор како што предвидува договорот. Ова е договор кој треба да биде имплементиран во име на европската иднина за вашата земја. Ова не смее да биде договор кој едната страна го користи против другата политичка партија, бидејќи во тој случај ќе пропадне. Се надеваме, и го ставивме тоа јасно на знаење со комесарот Хан, дека очекуваме целосна имплементација на овој договор во доверба и добра волја за добробит на сите луѓе во вашата држава“, изјави Лајчак по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација понеделникот.

Лајчак, како и Хан, предупреди дека изигрувањето на овој договор ќе значи ризик за државата да ја загуби европската перспектива.

XS
SM
MD
LG