Линкови за пристапност

ЕУ бара напредок во спорот со името за датум за преговори


Македонија не доби датум, но го избегна грчкото барање почетокот на преговори да се услови со конечно решение за спорот околу името.

Ако постигне напредок во развојот на добрососедските односи и реформските процеси, Македонија би можела да добие зелено светло за почеток на преговори. Ова е резимето на заклучоците на Советот на министрите на ЕУ одржан вторникот во Брисел, на кој беше разгледана препораката на ЕК за почеток на преговори за членство на Македонија. На заседанието на шефовите на дипломатии на земјите-членки на ЕУ, Европската комисија доби задача во март да даде проценка за тоа до каде стигнала Македонија во процесот на решавање на спорот за името со Грција, надминувањата на несогласувањата со Бугарија и реформските процеси дефинирани во европската агенда на Македонија.

„Со оглед на евентуалната одлука на Европскиот совет за отворање на преговори за членство со поранешната југословенска Република Македонија, Советот, врз основа на извештајот што ќе биде презентиран од страна на ЕК пролетта 2013-та година, ќе го испита спроведувањето на реформите во контекст на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и преземените чекори за промовирање на добрососедските односи и постигнување на компромисно и взаемно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН“, се вели во заклучоците од состанокот.

Советот на министрите се обврза да го разгледа извештајот што ќе го подготви ЕК за време на мандатот на ирското претседателство во наредните шест месеци. Доколку Советот процени дека е направен напредок по споменатите прашања, ќе препорача старт на преговори.

До заклучоците се дојде по долга дабата во која Грција бараше почетокот на преговорите да се поврзе со конечно решение за спорот, како во случајот со НАТО, и, од друга страна, ЕК помогната од Австрија, кои бараа на овој состанок јуни да се одреди како месец кога ќе се даде зелено светло за преговорите, а дотогаш ЕК да има мандат да подготви работен план за преговарачкиот процес. Ниту едната, ниту другата страна не беа во целост задоволни, па се изнајде компромисно решение.

„Особено ги поздравувам позитивните одлуки на Советот. Ова е особен пробив во односите меѓу Европската Унија и поранешната југословенска Република Македонија и не` помрднува од статичниот јазик од последните четири години. Советот ја препозна напорната работа и содржинскиот напредок во реформите што е направен во текот на годината во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Нивото на разговори на Советот и нивото на посветеност со поранешната југословенска Република Македонија го покажува вистинскиот интерес што земјите-членки го имаат за напредок на земјата на европскиот пат. Заклучоците поставија многу реална перспектива за отворање на Пристапните преговори во многу блиска иднина. Гледајќи напред, Комисијата ќе почне да работи на извештајот што Советот побара од нас да го подготвиме. Важно е, во оваа смисла, да се задржи моментумот во сите области за да земјата го задржи целосниот потенцијал и за да пристапните преговори можат да бидат отворени во летото 2013 година. Дозволете ми да повлечам дека се надевам дека овој амбициозен јазик на ЕУ ќе биде сфатен како можност да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањето за името и да се затвори ова поглавје што е отворено предолго“, изјави еврокомесарот Штефан Фуле на прес-конференцијата по состанокот.

Од официјално Скопје во прв момент немаше реакции за одлуката на Советот на министрите.
XS
SM
MD
LG