Линкови за пристапност

ЕУ: Мигрантската криза и Балканот


Европските лидери договориле потесна соработка со Балканот во решавање на бегалската криза.

Доцна синоќа во Брисел, шефовите на држави и влади на Европската унија и на балканските земји, се согласија околу планот од 17 точки, за соработка во справувањето со бранот мигранти, кои минуваат низ таканаречената балканска рута.

Дел од планот вклучува обезбедување дополнителни над 100 илјади места во мигрантските центри од Грција до Германија. „УНХЦР ќе помогне во обезбедување места за 50 илјади бегалци во Грција и за уште 50 илјади места низ земјите од Западен Балкан“, изјави претседателот на Еврокомисијата, Жан Клод Јункер.

На овој состанок на највисоко ниво, било договорено, да има подобра размена на информации и поголема координација, како и да не се носат еднострани одлуки „чии ефекти ќе имаат негативни последици по другите земји“.

ЕУ презеде обврска, Европската гранична агенција Фронтекс да ги интензивира активностите на македонско грчката граница и да обезбедува регистрација на мигрантите.

„Не е решение да ги туркаме бегалците од една во друга земја и некоја да стане стовариште за бегалци во регионот. Треба да дејствуваме координирано“ изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Македонија има капацитет да прими 2.000 бегалци, и тоа со помош на УНХЦР и на Црвениот крст“, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов.

Тој додаде дека Македонија е подготвена за сите сценарија, но како што рекол „не сакаме до тоа да дојде“.

„Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, но не и бегалците да остануваат ... Не сме во ЕУ, но мора да имаме информации за да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме во однос на бегалците“ , кажал претседателот на Македонија.

XS
SM
MD
LG