Линкови за пристапност

Песимистички прогнози за земјите од Западен Балкан во ЕУ


Како главни причини за таквата ситуација, експертите ги наведуваат внатрешните проблеми во Унијата

Песимистички се проценките на експертите дека процесот на проширување на Европската унија ќе ја врати динамиката од минатото, кога се случуваше експанзија со зачленување нови држави.

Како главни причини за таквата ситуација, експертите ги наведуваат внатрешните проблеми во Унијата: евроскептицизмот, стравот од мигранти, економските движења. Оттука и името на регионалната конференција „Глобални неизвесности, локални неволји“.

Кристоф Бендер од Европска иницијатива за стабилност голема опасност за проширувањето гледа и во подемот на десницата и популистичките движења во Европа.

„На крајот, ние не знаеме дали западнобалканските земји некогаш ќе станат дел од ЕУ. Можеби ќе влезат, но сметам дека нема да влезат. Ова звучи лошо и се согласувам дека е лошо“, вели Кристоф Бендер од Европска иницијатива за стабилност.

Задршката на дел од членките на Унијата кон проширувањето, според екс-амбасадорот Никола Димитров, веќе се одразила врз регионот, со појавата на авторитарни постави кои во повеќето балкански држави се обидуваат да влијаат врз демократските процеси.

„Западните земји имаат силен граѓански сектор и етаблирани слободни медиуми. Тие структури се здрави и може да се справат со предизвиците, некаде можеби нема да успеат, но сепак ќе се обидат. На Западниот Балкан тоа го нема, немаме слобода на печатот и тоа не е само случај со Македонија да нема слободни медиуми“, изјави Никола Димитров, поранешен амбасадор на РМ.

Кристине Алтахаузер, амбасадорка на Германија во Македонија порача дека без овој дел од Европа, Унијата нема да биде комплетна.

„Проширувањето ја направи ЕУ тоа што е денес – мирољубива, просперитетна организација на разни нации. Без Југоисточна Европа како дел од Унијата, таа нема да биде целосна, но овој регион за тоа ќе треба да преземе сериозни реформи“, рече Алтахаузер.

Што Брисел ќе очекува од Западниот Балкан во делот на реформи ќе биде обелоденето во претстојните извештаи за напредокот на секоја од земјите-аспирантки.

XS
SM
MD
LG