Линкови за пристапност

И Даниелсон утре во Скопје


Директорот на Директоратот за проширување на ЕК доаѓа за да ја оцени „посветеноста на европската агенда“ на Македонија

И Европската унија го праќа директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија Кристијан Даниелсон со задача за непосредно да ја утврди ситуацијата на теренот, покрај високите дипломати на кои, поради политичката криза, Скопје им станува честа дестинација.

Даниелсон, според најавите, утре ќе се сретне со политичките лидери во Македонија на кои, како што велат дипломатски извори, ќе им ги разјасни очекувањата на администрацијата во Брисел.

Според нашите информации Даниелсон ќе побара од лидерската четворка да најде начин за напредок од оваа состојба. Клучната фраза на која инсистираат од Унијата е „посветеност на европската агенда“ во која суштински е токму процесот од Пржино.

„Ние како ЕУ би сакале да видиме силна посветеност на европскиот пат. Тоа претпоставува почитување на одредени правила и се надеваме дека Пржино ќе се одржи во живот зашто таа дава опција за решавање на кризата и одржување избори. Партиите ако и сакаат добро на Македонија треба да најдат решение“, порачуваа дипломатите.

Според нив во тие напори помилувањето е само пречка која треба да се надмине што е можно поскоро. Пораките се дека европската перспектива бара одговорност од земјите-аспирантки за членство и дека има потреба од вистинска волја од македонска страна за во живот да се одржи таа перспектива.

Даниелсон е третиот висок дипломат што доаѓа во земјава во период од неколку дена. Мината седмица во Скопје беа и американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Ји и специјалниот германски пратеник за Македонија Јоханес Хајндл.

XS
SM
MD
LG