Линкови за пристапност

Најави за нови протести...

  • Синиша Станковиќ

...и покрај повиците од домашни и меѓународни инстанци да се смири ситуацијата.

По инцидентите и насилството на улиците на Скопје минатиот викенд, американскиот амбасадор Пол Волерс изрази загриженост за ситуацијата на меѓуетнички план во Македонија и повика на меѓуетничка толеранција.

„Секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е лесна можност ситуацијата да се искористи за политички цели, но тоа исто така е и можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници“, реагираше американскиот амбасадор.

Се јави и Европската унија, преку портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, Петер Стано, кој во изјава за МИА изрази загриженост од влошувањето на ситуацијата на меѓуетнички план.

„Жално е што се случуваат вакви инциденти. ЕУ очекува лидерите на заедниците и надлежните органи да ги превземат сите неопходни активности за да се избегне влошување на тензиите“, изјавил Стано.

Иако амбасадорот Волерс потенцираше дека постои итна потреба од иницијативи кои промовираат меѓуетничка хармонија во Македонија, а претставникот на Унијата дека се очекува намалување на напнатоста, на социјалните мрежи се појави повик до етничките Албанци, во петок, по молитвата во Јахја пашината џамија во 12.30 часот, да се продолжи со протестите пред Владата. Според неофицијалните организатори, поводот и за новите, засега официјално непријавени протести, е „тепањето на младите Албанци од минатиот петок“.

Поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, осудувајќи ги насилствата по улиците на Скопје, во име на ИВЗ изрази загриженост, побара од органите на редот да ги расчистат сите случаи на насилство и вистинските сторители да бидат изведени пред органите на правдата, а апелираше и до политичките партии да не ги злоупотребуваат верските објекти и кампањата да ја водат во мирна и демократска атмосфера, водејќи сметка да не ги нарушат меѓучовечките, меѓуверските и меѓуетничките односи во земјава.

Но, додека и ИВЗ, и Светскиот македонски конгрес побараа од политичките партии да не ги злоупотребуваат верските објекти за меѓусебни провокации, паралелно со најавениот протест на младите Албанци, на Интернет се појави и повик до граѓаните, етнички Македонци, кои се против изборот на Талат Џафери за министер за одбрана, да дојдат на мирни протести во сабота во 14 часот. Со оглед дека во овој повик се потенцира дека терминот е избран затоа што петок е редовен школски ден ден, може да се каже дека неофицијалните организатори пред се` им се обраќаат на малолетните средношколци.

Во меѓувреме, по вандализмот и насилствата од минатиот викенд, неделава се случија неколку напади во автобуси и на автобуски станици, и, што особено загрижува, малолетни ученици биле физички напаѓани пред училиштата.

Според медиумите кои се повикуваат на полициски извори, во средното автосообраќајно училиште „Боро Петрушевски“, за време на наставата, бил претепан седумнасетгодишен ученик од скопското село Миладиновци, од група од пет до шест непознати лица. Младич (21) од скопското село Марино бил нападнат од петнаесетина непознати напаѓачи во автобусот на линијата со број 63, по што се здобил со видливи повреди. На автобуската станица кај Јахја пашината џамија од неколку непознати лица бил нападнат седумнаесетгодишник, откако се симнал од автобус на линијата број 9, а во автобус на истата линија, што се движел кон населбата Топанско Поле, од група хулигани се повредени двајца малолетници на возраст од 16 и 17 години. Покрај физичките напади, главно врз млади лица, биле каменувани и два автобуси на ЈСП. Полицијата покренала потрага по насилниците.

Поради настаните од минатиот викенд и поради новите инциденти и загрижувачките најави, Центарот за слобода - Цивил и партнерските организации ги поканија „невладините организации, граѓанските иницијативи и сите добронамерни и мирољубиви луѓе“, во четврток на улична средба „PRESS 4 PEACE!“ (Притисни за мир), која е „посветена на мирот и толеранцијата, наспроти насилството како алатка за доаѓање на власт“.

По партиите и невладиниот сектор, се огласи и претседателот Ѓорге Иванов, коментирајќи го на новинарско прашање, изборот на Талат Џафери за министер за одбрана и реакците на тој чин, како и протестите.

„Свежи сеќавањата на она што се случуваше во Македонија во 2001 година и многу рани не се залечени од тој конфликт. Затоа е чувствителна темата и неговиот (на Џафери - н.з.) избор предизвика такви реакции. Јас, како Врховен командант, им порачувам на сите што се во и надвор од АРМ, дека не треба да се грижат за Армијата. Во мојот мандат се сменија тројца министри, но Армијата остана тоа што е - секогаш со највисоки оценки и за пример во извршување на сите обврските во земјите каде сме поканети. Ќе се сменат многу министри, врховни команданти, претседатели на држави, но Армијата ќе остане тоа што била и ќе зацврстува и секогаш ќе биде пример како другите институции да функционираат“, изјави Иванов.
XS
SM
MD
LG