Линкови за пристапност

Фуере: СЈО да добие специјално одделение во Кривичниот суд


Поранешниот евроамбасадор во Македонија смета дека Специјалното обвинителство е единствена надеж за позитивна промена во државата

Кривичниот суд да добие посебно одделение кое ќе работи на предметите на Специјалното јавно обвинителство. Ова го предлага поранешниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере, како неопходен услов за излез од кризата.

Фуере, за Гласот на Америка, посочи уште три работи кои треба да се завршат пред повторно да се закажат изборите- да се повлече одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, Парламентот да осигура дека ќе има избори кога ќе се исполнат сите обврски, и да се формира техничка влада, без учество на лица поврзани со прислушувањето.

“Не е лесно, но сигурен сум дека има одлични судии, кои ја поминале Академијата на судии и обвинители, и кои ќе бидат способни да ја исполнат таа задача. Тие нема да бидат предмет на заплашување од владејачките партии, а тоа ќе гарантира дека случаите ќе бидат соодвето процесуирани и ќе има одговорност, што сега недостига.

Специјалното обвинителство е единствена надеж таа промена да дојде“, вели Фуере кој додава дека Судот досега покажал дека ги фаворизира владејачките партии, кои, пак, биле вклучени во назначување на судии во минатото.

Според Фуере, влијанието на меѓународната заедница не е доволно силно, а пример за тоа е насилството во Парламентот во 2012 година, по кое изостанало повикувањето на одговорност на владејачките политички партии.

Сега ја видовте одлуката на претседателот да даде помилување од рака на дваесетина високи функционери, како и на други лица поврзани со сакнадалот со прислушувани материјали минатата година, и ова, за жал, е уште еден пример, дури и полош, на игнорирање на владеењето на правото. Причината поради која тој ги дал помилувањата се сосема несоодветни за држава која сака да применува владеење на правото и да има демократски институции, и јасно е дека таа беше обид да се уништи Специјалното обвинителство“, смета Фуере.

Тој апелира Европската унија и САД да бидат многу погласни во посредување во кризата, оти политичките лидери покажале дека немаат капацитет сами да ги решат проблемите.

“Единствениот начин на кој тоа може да се направи е преку процес на посредување, но мора да биде постојан, не може да биде само еден состанок на неколку недели, на еврокомесарот и на високи американски функционери, бидејќи тоа очигледно не е доволно. Мора да се направи многу повеќе“, нагласува тој.

Според Фуере, Шарената револуција е нов феномен кој ја покажал потенцијалната улога што може да ја има граѓанското општество, и оти тоа мора да биде дел од долгорочното решение за ситуацијата.

Тој смета дека новиот датум на избори не треба да се утврдува пред да се прочисти Избирачкиот список и да се направат реформи во медиумите и особено важно е за него да се регулира финасирањето на политичките партии.

„Да се осигура дека има директна поделба на државни пари и на партиски пари за да се избегне господинот Груевски и други од владејачките партии, да одат насекаде и да промовираат проекти, што е тотално замаглување на линиите меѓу државните и партиските пари“, вели Фуере.

Тој е убеден дека препораката за влез во ЕУ треба да остане суспендирана на одредено време додека земјата да се врати на основните демократски стандарди, а датумот за избори да се одложи дури и за една година, доколку треба време да се завршат сите договорени обврски.

Фуере најави дека ќе се вклучи во решавање на политичката ситуација преку помагање и лобирање на меѓународно ниво, за да го фокусира вниманието на кризата во која се наоѓа државата.

XS
SM
MD
LG