Линкови за пристапност

Остварливо и кај нас


23-годишниот Дане Тодоровски говори за својата компанија МЕО - првата во Македонија што систематизирано собира електронски отпад

„Рециклирањето на 100.000 персонални компјутери спречува испуштање на штетни гасови во еквивалент на штетните гасови кои ги испуштаат во атмосферата 1.600 автомобили за една година!“. Од вакво резонирање се водел Дане Тодоровски, кога минатата година го подготвувал проектот за собирање електронски отпад во Македонија, а што беше избран за “Најдобар бизнис план” за 2013-та година во земјата, во конкуренција на 127 идеи.

Оттогаш до денес, таа идеја прерасна во првата македонска компанија со систематизиран пристап кон собирање на електронскиот отпад директно од вратите на корисниците - Мрежа за електронски отпад (МЕО).

Кај 23-годишниот Тодоровски, којшто дипломирал на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, и натаму постои голем оптимизам за бизнисот што со добиениот грант од 5.300 евра го започнал пред неполна година, но и делумно разочување од бавната администрација, што претставува голема пречка за развивањето на ваков бизнис во Македонија, а што во светот беспрекрорно функцинира веќе со години.

„Изминатата неполна година МЕО претрпе неколку промени за да се подобрат шансите за успех. Најголемите промени произлегоа од моменталната регулатива за работа со електронскиот отпад во државата. Имавме навистина големи проблеми со добивање на потребните дозволи за работа, што ни одзема близу 4 месеци и многу непотребни финансиски трошоци за ангажирање адвокат и слично, а резултираше со губење на клиенти. Со моменталната регулатива не се одвојува работата на фирмите регистрирани за собирање на електронски отпад од останатите фирми кои се занимаваат со собирање и управување со останатиот неопасен отпад. Тоа создава неповолна конкуренција од сите други учесници во индустријата за управување со неопасен отпад и не поставува добро поле за развивање на специјализирани компании. Идејата помалку или повеќе функционира како што беше замислено – МЕО собира од вратите на корисниците преку бесплатна персонална услуга, но сепак мораше да се предаде складирањето и третманот на друга компанија која има лиценца за складирање“, објаснува Тодоровски.

Идејата за ваков бизнис во Македонија, Тодоровски ја добил уште како мал, додека живеел во САД, каде заминал со неговите родители откако добиле тнр. „зелена карта“. Вели, „јас само ја адаптирав идејата за нашиот пазар и го искористив фактот што во Македонија немаше систематизиран пристап кон собирање на овој вид на отпад“. А, за изборот - тоа да му биде првиот бизнис што ќе го започне во неговата родна земја, сепак пресуден бил впечатокот дека за тоа ќе му требаат малку пари и мал простор, што е идеално за штотуку дипломирано момче. Но, од денешна перспектива, тоа се потврдило како погрешна проценка.

„Се` што требаше, ако не ги земеме во предвид дозволите за работа и другите административни постапки поврзани со секоја компанија во Македонија, е возило, екипа за собирање и што е можно повеќе клиенти. Што за жал, во реалноста не е така, бидејќи за еден микро бизнис од обемот на МЕО, потребна е инвестиција од неколку десетици илјади евра за да се задоволат барањата според законските прописи, кои во меѓувреме претрпеа промени и станаа порестриктивни отколку кога и да е“, вели тој.

Но, сите овие препреки не го предомислиле 23- годишниот Македонец да продолжи да го реализира „американскиот сон“ во Македонија. Тој веќе неколку месеци е во САД, и, како што вели во разговорот за нашата редакција, голем дел од времето го посветува токму на тоа.

„Тука целиот ланец на процесирање на електронскиот отпад е на многу високо ниво - постојат системи на собирање од домаќинства и компании, подеднакво тие се поддржани од локалните власти, кои пак се вмрежени со најголемите центри за третирање на федерално ниво. Како оптимист по природа, сметам дека сето ова е остварливо и кај нас, но е потребна адекватна атмосфера за развој – да има соработка на сите нивоа и да се работи заеднички, бидејќи електронскиот отпад го засега апсолутно секој член на општеството“, истакнува Тодоровски.

Од првичната идеја, со сопствен автомобил да оди од врата до врата и да го собира електронскиот отпад од граѓаните, МЕО сега работи се изнајмено комби- возило, според планот да им излезе во пресрет на се` поголемиот број клиенти, а воедно и да се скратат и непотребните трошоци.

„Постојано примаме повици од граѓани кои сакаат да се ослободат од своите стари уреди. Иако за нас е финансиски неисплатливо да се движиме по градот и да собираме мали количини, секогаш се обидуваме да ги вметнеме овие повици за собирање во нашите секојдневни обиколки по нашите клиенти“, објаснува сопственикот на МЕО.

Влегувањето во овој бизнис, без никакво претходно работно познавање, Тодоровски го оценува како „незаменливо искуство“. Процесот, од самиот натпревар, до основањето и воспоставувањето на бизнисот, тој го опишува како процес на учење и предизвик, но и лична потреба да се оправдаат средствата доделени на МЕО. Пораката до неговите врсници, што произлегува од оваа негова животна авантура, е оптимистичка.

„Направивме многу промени да ја застанеме компанијата на нозе и често се размислуваше дали сето тоа вреди. Сепак, би сакал да ги советувам сите млади луѓе кои имаат некаква идеја во која веруваат, да се обидат да ја реализираат, при што мораат да знаат дека патот е исклучително тежок, но задоволството од личниот успех ги надминува сите препреки“, наведува младиот Македонец.

Според Министерството за животна средина, во 2012-та година во Македонија имало 12.000 тони електронски отпад, од кои само 6 проценти се собрани и складирани.

XS
SM
MD
LG