Линкови за пристапност

Вирџинија меѓу клучните држави во претседателската трка


Во последните пет недели на американската претседателска кампања претседателот Барак Обама и предизвикувачот Мит Ромни се фокусирани на неколку држави кои најверојатно ќе ги решат изборите.

Како што беше во 2008, Вирџинија и овој пат е една од неколкуте држави кои ќе бидат решавачки за изборите на 6 ноември.

Активистите интензивно работат во интерес на демократот Барак Обама и републиканецот Мит Ромни.

Сузан Куран е конзервативна активистка која живее во сликовитата долина Шенандоа, област што традиционално поддржува републикански кандидати:

„Едноставно, не го сакам веќе Обама. Сакам неговата политика и неговите цели да бидат елиминирани. Не ми е грижа кој е тој. Не ми се допаѓа како раководи и, според мене, како ја уништува оваа држава“.

Куран вели, ако претседателот добие втор мандат, таа би ги поттикнала републиканците да го симнат Обама од функција преку отповикување.

На прашањето врз основа на што Обама би бил отповикан, таа вели „врз основа на осум специфични федерални закони што тој ги прекршил“.

Но, засега, нема индикации дека републиканските конгресни лидери би поддржале таков напор.

Но анти-Обама интензитетот меѓу конзервативците се чини дека е еднаков со поддршката за претседателот во места како Шарлотсвил, во Вирџинија, домот на Универзитетот на Вирџинија.

Кампусот е упориште на кампањата на Обама, и волонтерите се зафатени со регистрирање на студентите во пресрет на изборите.

Џејмс Шваб е претседател на универзитетската Демократска група:

„Мислам дека тој ги приоритизираше младите. Тој ги направи попристапни заемите за колеџ. Направи да може да останеме на полисата за здравствено осигурување на нашите родители до 26-та година“.

Кампањата на Обама има мало водство во Вирџинија, вели Кајл Кондик од Центарот за политика на Универзитетот на Вирџинија:

„Резултатите во Вирџинија може да се показател за националната трка. Ова е една од државите во САД во кои претседателската трка може да оди во која било насока“.

Пред четири години, Барак Обама во Вирџинија направи историја кога стана првиот демократски претседателски кандидат кој победил во државата по претседателот Линдон Џонсон во 1964.
XS
SM
MD
LG