Линкови за пристапност

Граѓаните да гласаат според своите желби за иднината


Граѓаните да гласаат според своите желби за иднината
Граѓаните да гласаат според своите желби за иднината

На овие избори нема простор за заплашување и закани“ порача американскиот амбасадор Филип Рикер

„Ги охрабрувам граѓаните да учествуваат на изборите, да излезат, да гласаат и да запаметат и знаат дека нивниот глас е таен и дека на овие избори нема простор за заплашување и закани. Граѓаните треба да излезат, да се информираат и да го дадат својот глас според своите визии и желби за иднината“, изјави американскиот амбасадор во Република Македониј,а Филип Рикер, по средбата со Дарко Алексов, директорот на граѓанската асоцијација МОСТ.

МОСТ ќе го набљудува гласањето на 5-ти јуни во рамки на проектот „Домашно набљудување на Предвремените парламентарни избори 2011“, финансиски поддржан од неколку меѓународни организации, меѓу кои е и УСАИД.

Покрај 3.500 набљудувачи од МОСТ, 320 набљудувачи од ОБСЕ ќе ги следат изборите, а според амбасадорот Рикер, ОБСЕ и ОДИХР ќе подготват извештај за нивното спроведување.

„Задоволни сме што можеме да ги поддржиме овие напори. МОСТ е во многу добра позиција да го направи тоа како независна организација, односно организација на граѓаните, а овие избори се за граѓаните на оваа држава кои треба да се изјаснат каква иднина сакаат“, рече Рикер. Според него, спроведувањето на фер и демократски избори е од клучно значење за Македонија. Амбасадорот ја потенцираше и важноста на нивното набљудување, „што треба да осигура дека тие ќе бидат слободни и фер и во согласност со стандардите, што очекуваме Македонија како европска земја да ги исполни“.

Директорот на МОСТ Алексов рече дека со амбасадорот Рикер споделиле согледувања за текот на изборниот процес.

„Заеднички заклучивме дека стандардите и процедурите мора да се почитуваат, како во делот на спроведување на изборниот процес, така и во делот на домашното набљудување на изборите, за што добивме и безрезервна поддршка“, рече Алексов. Според него, и овој нивен мониторинг, како и останатите набљудувачки процеси во последните девет години, е во целосна согласност со меѓународните стандарди за домашно набљудување на изборите.

XS
SM
MD
LG