Линкови за пристапност

Еднаш новинар - цел живот новинар, вели пензионираниот новинар Петар Ставрев


Еднаш новинар - цел живот новинар, вели пензионираниот новинар Петар Ставрев
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:43 0:00

Пензионираниот новинар, фоторепортер и хроничар Петар Ставрев од Битола, за Гласот на Америка раскажува за неговото долгогодишно искуство во медиумите.

„Познавам многу личности, емотивен сум кога ќе разговарав со некого – ако плачеше тој и јас плачев заедно со него, кога го пишував текстот уште еднаш плачев, кога ќе излезеше написот, кога ќе си го читав - уште еднаш плачев ако беше некоја жалосна приказна. Меѓутоа, имам и такви убави написи каде што секогаш до израз доаѓала вистината, чесноста на луѓето, нивната работливост, нивната улога да направат нешто добро и за градот и за државата“, вели пензионираниот новинар, Петар Ставрев.

Ова е 83-годишниот Петар Ставрев, пензиониран новинар, фоторепортер и хроничар на градот Битола, кај кого љубовта кон неговата фела никогаш не престанала.

Својата професија ја започнал како новинар во Радио Битола, но исто така работел и за Радио Скопје, весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“, за Македонската радио телевизија, Радио телевизија Србија, како и локалните телевизии Орбис и Тера.

„Повеќе од скоро цел живот го поминав во новинарството и се` уште работам. Сметам дека новинарството е маратон во кој нема победник. Победник е вистината. За да се дојде до вистината, секогаш треба да се применуваат неколку правила, тоа е значи да се провери нештото, да биде точна информацијата, да биде проверена и да одговара на одредени зацртани закони, човекови права, слободи, екологија итн“, рече тој.

„Еднаш новинар – цел живот новинар“.

Ставрев верува дека новинарската професија влегува во крвта. Не ни помислува дека некогаш ќе престане да размислува „новинарски“:


„Сметам дека е една професија за која (со право) се вели „еднаш новинар – цел живот новинар“. Еве, јас и на 83 години се` уште работам и не мислам да се разделам ниту од фотоапаратот, ниту од камерата, ниту пак од пишувањето за весници. Посебно сум задоволен и ми е чест да се сеќавам сега, (дека) сум интервјуирал многу познати личности од поранешните југословенски простори, а и од просторите на денешната наша држава“.

Ако новинарството му е главна преокупација, главното хоби на Ставрев е колекција од грамофонски плочи, што почнал да ја прави од 1961 година. Минатата година организирал изложба на овие плочи кои се од различен музички жанр и денес, вели, се од „непроценлива вредност“.


„Располагам со колекција од 15.000. Кога пред едно 30 години дознав дека познатиот шахист Глигориќ имал 44.000 грамофонски плочи, си реков „нема да можам никогаш да го стигнам“. Меѓутоа и со овој фонд што го имам, сум благодарен. Затоа што, пратејќи ја светската музика, секогаш се интересирав да ги добивам оние музики што имаат трајна вредност. Евергрини! Колекцијата ми е доста зачувана, не се оштетени (плочите) и во секој момент можам да ги емитувам. Така, имав средба со многу познати музичари, интервјуа (беа) направени. Од Ѓорѓе Марјановиќ да започнам, кој што служеше војник во Љубљана кога и јас бев еден период во Љубљана војник, па да не повторувам...Васка Илиева од нашите простори, Вања Лазарева и многу многу други“, изјави Ставрев.

Јавноста има многу по што да го препознава Петар Ставрев. Неговиот фотоапарат е како дел од него. Тој го интервјуирал и првиот кинематограф на Балканот, Милтон Манаки.


„Милтон Манаки го имам снимано (за) 20-минутна емисија. За жал таа аудио снимка е во приватна колекција. (Но) кога пак отидов во Одеса, сите одеа по други работи што ги интересираа, јас се интересирав да дознаам каде се тие скали каде што Сергеј Ејзејнштајн го снимал познатиот филм „Крстарицата Потемкин“. Така почнав да се занимавам и со фотографија. Дваесетина апарати до сега имам променето. Еден период бев и претседател на Фото-сојузот на Македонија. Имам освојувано и награди за објавени фотографии, документаристика, и така да денес без фотоапаратот не одам никаде“, додаде тој.

Изминативе 33 години, на втори јануари секоја година, Петар Ставрев се искачува на врвот Пелистер и со шише шампањско им ја честита новата година на вработените во пунктот на МТВ.


„Јас се информирав дека на највисоката точка во Македонија каде што се професионално ангажирани лица - е на Пелистер! На 2.601 метар (надморска височина). И се заинтересирав како тие луѓе ќе ја поминат Новата Година. На втори јануари, зедов едно шампањско да одам да им ја честитам новата година, и да се видам како тие ја одбележаа Новата Година на највисоката точка во Македонија, (каде) беа ангажирани тројца личности“, рече Петар Ставрев, пензиониран новинар.

Со приказните на Петар Ставрев никогаш не е здодевно. Не случајно тој е добитник на бројни награди и признанија меѓу кои и наградата за животно дело што ја доделува Општина Битола по повод денот на ослободувањето на градот, 4-ти ноември. Автор е на повеќе од 300 документарни филмови, како и на серијалот „Патуваме откриваме“ – хроника на Битола и околината. Тој е исто така автор и уредник и на серијалите „Од поле до планина“ и „Два пати исто, но сепак различно“. Луѓе како Ставрев се инспирација за секого кој загазил по водите на новинарството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG