Линкови за пристапност

Каква формулација на препораката за Македонија во извештајот на ЕК?

  • Борјан Јовановски

Се бара решение за препорака за преговори која ќе спречи понатамошно влошување на слободите и на правата.

Денеска, два часа по пладне, комесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави Извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан. Дотогаш, останува нејасно која и каква ќе биде формулацијата на препораката за Македонија за почеток на преговори. Во ЕК во Брисел соопштија дека на ова ќе се работи во текот на денешниот ден, за време на состанокот на комесарите на Комисијата.

Дилемите кои се јавија во Брисел, а за кои пишуваа медиумите, повикувајќи се на дипломатски извори, во интервју за Алсат ги откри амбасадорката на Кралството Холандија, Мариет Шурман.

„Не се исклучува препорака која ќе ја рефлектира нашата загриженост за трендот на назадување на правата и слободите но, воедно да обезбеди јасни насоки како Македонија да го избегне ризикот да ги загуби политичките критериуми“, изјави Шурман за Алсат.

Инаку, текстот на Извештајот за Македонија, чии акценти пренесоа медиумите, повикувајќи се на се` уште неофицијалната верзија, се освернува на проблемите во судството, борбата против корпуцијата, слободата на изразување и правата и слободите како дел од клучните политички критериуми.

Во документот повторно се заклучува дека Македонија ги исполнува политичките критериуми на ЕУ. Според ОБСЕ, изборите биле “професионално и ефикасно” изведени, но се очекува понатамошна реформа на ова законодавство. Помеѓу 2004-та и 2010-та година земјата го исполнила најголемиот дел од судските реформи, а нов прогрес е направен и оваа година.

Но, слободата на медиуми и натаму останува проблематичниот дел во извештајот на ЕК. Таа заклучува дека од 24-ти декември дијалогот со новинарите е закочен и дека репутацијата на земјата за слободата на медиумите е влошена.

“Затворањето на различни медиуми во скоро минато доведе до редуцирање на различноста на мислењата кои треба да им се претстават на граѓаните”, вели текстот. “Во слободата на изразувањето, високиот степен на поларизација на медиумите, најчесто по политичките линии, е тоа што е пречка за развој на објективно информирање”, вели ЕК. Таа додава дека има економски притисоци врз новинарите и медиумите, особено преку владиното рекламирање, што призведува лоши професионални стандарди. ЕК препорачува дека треба дијалог помеѓу новинарите и владата, дека дијалогот треба да биде повторно воспоставен и да донесе конкретни резултати за да се дојде до промена на медиумската култура.

Меѓу основните забелешки се наоѓа судството и неговиот недостиг на независност. “Корупцијата владее во многу области и останува да биде сериозен проблем”, вели ЕК и додава дека земјата мора да ги примени мерките за борба против овој феномен.

Во економскиот дел, ЕК констатира дека земјата напредува кон пазарна економија. Економската активност стагнирала во 2012-та, но веќе на почетокот на 2013-та повторно тргнала напред. Но, невработеноста останува многу висока.

Во извештајот за напредокот на Македонија, по европскиот пат, Европската комисија (ЕК) констатира дека веќе 8 години нашата земја е кандидат за членство во ЕУ и дека препораката за почеток на преговори никако не успева да стане стварност. Исто така, вели ЕК, Македонија не успеа да влезе во вториот дел од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. ЕК не ја именува Грција како земја која блокира во двата случаи, но подвлекува дека земјите-членки на ЕУ не ја донеле одлуката за препораките на ЕК.
Заклучокот е дека Македонија мора да го реши спорот со името без одлагање.

Интегралниот текст на извештајот ќе биде познат денеска по прес-конференцијата на комесарот Филе на која ќе бидат презетирани документите.

Она што е познато е дека ЕК ќе предложи Албанија да добие статус на земја-кандидат, додека за Србија се очекува да се повтори препораката за старт на преговори.
XS
SM
MD
LG