Линкови за пристапност

Двајцата Американци што имаа ебола закрепнаа и излегоа од болница


Кевин Брентли на прес-конференцијата пред заминувањето од болницата во Атланта

Кевин Брентли на прес-конференцијата пред заминувањето од болницата во Атланта

Лекарите не се сигурни дали им помогнала терапијата со експерименталниот лек

Двајцата американски хуманитарни работници заразени од вирусот ебола, лекарот Кент Брентли и мисионерката Ненси Рајтбол, закрепнаа и ја напуштија болницата во Атланта.

Брус Рибнер, директорот на Одделот за инфективни болести во Болницата на Универзитетот Емори соопшти дека Брентли целосно закрепнал и дека е без вирусот во крвта веќе два дена.

Брентли и Рајтбол добија ебола месецов, додека помагаа на заразени во Либерија.

Брентли се заблагодари на лекарите што се грижеле за него и на Бога што му го спасил животот.

„Ова е чудесен ден. Воодушевен сум што сум жив, здрав и што повторно сум со семејството“, изјави Брентли.

Рајтбол ја напуштила болницата уште во вторникот, но побарала тоа да биде подалеку од очите на јавноста.

Екесперименталниот лек Зимеп беше дел од терапијата за Брентли и Рајтбол. Рибнер рече дека тие биле првите воопшто што го примиле лекот и дека лекарите не се сигурни дали тој им помогнал, немал ефект или пак „теоретски го забавил нивното закрепнување“.

Според Светската здравствена организација, досега од еболата починале 1.350 лица во Западна Африка, од коишто 576 во Либерија. Властите во Либерија воведоа карантин во две предградија, во обид да го спречат ширењето на вирусот.

XS
SM
MD
LG