Линкови за пристапност

Чествување на Велигден


И православните, и католичките верници годинава на ист ден го одбележаа најголемиот христијански празник.

И православните, и католичките верници годинава на ист ден го одбележаа најголемиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден.

“Настанот на Воскресението нè повикува да го чуваме единството, духовно и национално, за доброто на нашата Црква и Татковина, и никогаш личните да не ни бидат пред заедничките интереси. Токму поради тоа Бог ни дава различни дарови, коишто треба да ги развиваме и употребуваме за доброто и напредокот, и својот, но истовремено и на сите“, напиша во своето велигденското обраќање Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, до верниците од католичка вероисповед упати велигденска честитка, порачувајќи:
„Божјиот пат кон човекот е Христос а патот на христијаните кон Бога е човекот. Затоа на овој празник е зачната Црквата – Христовото Мистично тело – која ја навестува победата на животот над смртта, доброто над злото, вистината над лагите и ништо друго не ветува освен живот вечен. Во тие мисли на охрабрување дека Бог не го напушта човекот, сакам вашите срца да ги поттикнам во сите тешкотии, прашања и дилеми да го кренете погледот кон Христос, славниот и Воскреснат и еден на друг да станеме брат и сестра за така да си помогнеме да се реализира Евангелскиот живот“.

Честитики на христијанските верници им упатија и претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Честитајќи ви го најголемиот празник над сите празници, Велигден, ви посакувам добро здравје, духовен мир и спокој, додека на членовите на Синодот и на верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам среќа, благослов и срцата на сите нас нека ни бидат исполнети со љубов и добрина’, се вели во честитката на претседателот Иванов.

Премиерот Груевски им порача на верниците: „Саможртвата на нашиот Бог не` учи дека праведноста, чесноста и вербата се работи кои не придвижуваат напред, истрајноста и држењето до тие принципи е она што носи развој и просперитет. Јас верувам дека сите ние како христијани ќе продолжиме да го следиме тој пат, ќе продолжиме да ги шириме христијанските вредности, љубовта, толеранцијата и соживотот помеѓу луѓето. Бог нека ни принесе мудрост, добрина и меѓусебно разбирање!“.
XS
SM
MD
LG