Линкови за пристапност

Две жени, петмина мажи: Седум визии за подобра иднина за македонските граѓани – портрети на претседателските кандидати


Македонските граѓани ќе избираат меѓу седум кандидати од првиот круг претседателски избори на 24 април, 2024 година. (Распоредот на кандидатите е според редоследот на гласачкото ливче, почнувајќи од лево кон десно).
Македонските граѓани ќе избираат меѓу седум кандидати од првиот круг претседателски избори на 24 април, 2024 година. (Распоредот на кандидатите е според редоследот на гласачкото ливче, почнувајќи од лево кон десно).

На 24 април, среда, се одржува првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија. Седумтемина кандидати настапуваат со различни гледишта за иднината на државата, но и со силна верба за влез во вториот круг и за победа. Ги претставуваме нивните политички портрети и ставови.

Поправање грешки, водење на државата кон подобра иднина, евроинтеграција, бранење на идентитетот и јазикот, (не)отворање на Уставот, повеќе ингеренции за шефот на државата, измени во изборниот модел, но и категорични намери за излегување од НАТО и фаќање други меѓународни насоки се дел од пораките и ставовите што ги упатуваат кандидатите за претстојните претседателски избори во Северна Македонија.

Во првиот круг, закажан за 24 април, во игра се седуммина. Секој убеден во влез во вториот круг и за победа.

Во продолжение ги претставуваме политичките портрети и ставови на претседателските кандидати. Редоследот на кандидатите е идентичен со редоследот на гласачкото ливче.

Стево Пендаровски: Очекувам двојна победа, алтернативата е заробена држава

Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат за втор претседателски мандат на Северна Македонија
Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат за втор претседателски мандат на Северна Македонија

Овие избори за претседател за Стево Пендаровски се трети на кои тој учествува. Беше кандидиран од СДСМ, додека партијата беше во опозиција, и на изборите во 2014. Тогаш изгуби од избраникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, кој го доби вториот мандат. Сега, во 2024, Пендаровски е во слична позиција – предложен е од владејачката партија и се бори за вториот мандат како шеф на државата.

Стево Пендаровски: Очекувам двојна победа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:26 0:00

Во петте години поминати на врвната позиција во државата за Пендаровски не се врзуваат корупциски скандали или пак сериозни грешки во сферите во кои има ингеренции – надворешната и безбедносната политика.

Мандатот не му помина во нормални околности – се случија и пандемијата и руската агресија врз Украина. Од 2019 кога стапи на должност Пендаровски, за одредени прашања, знаеше да се конфронтира не само со опозицијата, која за него има многу забелешки, туку и со партиите од владејачкиот блок.

Македонските граѓани знаат дека алтернативата на ова што ние го нудиме е заробена држава
Стево Пендаровски

Во трката за вториот мандат се потпира на искуството што го има во државната служба, политиката на отвореност кон сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност или политичка определба, како и разбирањето за тоа како во практика функционира меѓународната политика.

„Јас очекувам двојна победа. Зошто? Зашто македонските граѓани знаат дека алтернативата на ова што ние го нудиме со се сите грешки кои ги признаваме и за кои јавно сме се извинувале е заробена држава, малтретирање на државната администрација на оние кои не се нивни, криминал во енормни размери и тотална изолација на државата“, вели Пендаровски.

Пендаровски ја критикува стратегијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Значи, Македонија ќе биде на маргините на Европа, со перспективи никогаш да не стане дел од ЕУ зашто нивната теза е – прво да дојдеме на власта, економски да ја кренеме државата на здрави нозе и потоа, како што им велат на странските амбасадори, во втората половина од мандатот ќе се обидеме да се договориме со Бугарите. На кој начин? На тој начин што ќе ги натераме Бугарите да си го сменат уставот за да можат да бидат признаени Македонците кои живеат во Бугарија. Јас им велам, ако успеат да ги стават Македонците во уставот на Бугарија, да бидат признаени како национално малцинство, јас ќе бидам првиот што ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е детски муабет“, категоричен е Пендаровски.

Гордана Силјановска Давкова: Нема да ја користам придавкатасеверна“

Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседателка на Северна Македонија
Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседателка на Северна Македонија

Гордана Силјановска Давкова, универзитетска професорка, докторка по правни науки. Нејзиниот слоган во изборната кампања е: „Македонија повторно горда“.

Во изборната програма таа нагласува дека функцијата претседател ќе ја води според уставот и законите, како и дека нема да потпадне под влијание на Владата.

„Ќе соработувам со Владата, но нема да бидам послушна, туку самостојна и критичка глава на извршната власт. Ќе го почитувам Собранието, но ако треба ќе посегнам и по вето против неуставните закони. Како врховна командантка на вооружените сили ќе ги штитам територијалниот интегритет и независноста на Републиката. Ќе се водам од стручноста и од компетентноста при номинирањето на носителите на државни функции за кои сум овластена“, посочува Давкова во програмата.

Тоа што привлекува внимание е нејзиниот негативен став кон Преспанскиот договор, за кој вели дека има простор да се ревидира.

Преспанскиот договор, заедно со уставните измени, беше донесен со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право
Гордана Силјановска Давкова

„Преспанскиот договор, заедно со уставните измени, беше донесен со кршење на националното право и е спорен во рамките на меѓународното право, посебно во врска со правото на самоопределување, принципот на еднаквост на државите, мешањето во внатрешните работи на суверена држава, а задирањето во идентитетот е и сериозна повреда на колективните и на индивидуалните човекови права на граѓаните на Македонија. Прашањето, сè уште, го сметам за правно и политички отворено“.

Последователно, таа отворено вели дека е против името на државата Северна Македонија.

„Почитувајќи ја јасно изразената волја на македонските граѓани од септември 1991 година, како и од септември 2018 година, но и како граѓанин, во обраќањата до јавноста нема да ја користам придавката ‘северна’“, категорична е Силјановска Давкова во нејзината изборна програма.

Во однос на можните уставни измени како дел од процесот за почнување преговори со ЕУ, Силјановска-Давкова нагласува: „Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема ниту еден дел за промена на Уставот на Република Македонија“.

Силјановска-Давкова вели и дека ќе се посвети на професионализација на дипломатската служба.

„Ќе поттикнам дебата за доследно применување на Законот за надворешни работи со цел да се регулира дека најмалку 2/3 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера“, вели Силјановска-Давкова.

За родовата рамноправност Силјановска Давкова најавува формирање и “Центар за извонредност за жени, мир и безбедност“, додека за младите би вовела Советник и Форум за млади.

Стевчо Јакимовски: Не може заради црната листа јас да ја мразам цела Америка

Стевчо Јакимовски, кандидат за претседател на Северна Македонија
Стевчо Јакимовски, кандидат за претседател на Северна Македонија

Поголеми ингеренции за претседателот при именување лица на клучни позиции во државата, развој на воената индустрија, останување на патот кон ЕУ, но без чекање до бесконечност, отворање врати за инвестиции и од арапските земји, од Русија, од Кина, како и задржување на блиските односи со САД како стратешки партнер, иако од неодамна се наоѓа на т.н. Црна листа на американскиот Стејт департмент.

Тоа се дел од ставовите и плановите на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, што ги искажа во разговор за Гласот на Америка.

Во неговата изборна програма стои дека државата ќе исполнува услови за членство во ЕУ, но не по цена на идентитетот, како и дека нема да чека бесконечно за прием.

„Не велам дека ние треба да се откажеме од европскиот пат. Но, ако до 2030 година не влеземе, ние ќе останеме на тој пат, но тој нема да биде приоритет. Приоритет ќе биде да донесеме инвеститори, да обезбедиме проекти, да се подигне македонската економија“, посочува Јакимовски.

Не велам дека ние треба да се откажеме од европскиот пат. Но, ако до 2030 година не влеземе, ние ќе останеме на тој пат, но тој нема да биде приоритет
Стевчо Јакимовски

Јакимовски воедно е единствениот од кандидатите кој се наоѓа и на листата на санкции на САД, односно т.н. црна листа. Категорично отфрла дека бил замешан во коруптивни дејства и дека ја проневерил положбата, обвиненија кои стојат во образложението од Стејт департментот на САД. Сепак, Јакимовски вели дека ќе ја поддржува политиката на САД како стратешки партнер.

„Јас се кандидирам за претседател и претседателот мора да мисли за државата. Не може заради црната листа јас да ја мразам цела Америка или да бидам противник на целата американска политика. Најнормално е дека ние ќе соработуваме. И натаму ќе бидеме партнери“, Вели Јакимовски.

За политиката кон Русија вели дека земјата треба да биде отворена за руски инвестиции, но дека како стратешки пат треба да остане Западот.

Тоа по коешто Јакимовски се издвојува во изборната програма од другите кандидати е и неговиот предлог за развој на воената индустрија на македонска територија.

„Итно треба да се вклучиме во оваа европска поделба на трудот во делот на наменската индустрија. Не мора софистицирани ракетни системи, но со опрема и муниција можеме да се вклучиме“, вели Јакимовски.

Убеден е дека ќе влезе во вториот круг со визија дека се бори за, како што вели, да направи историја.

Бујар Османи: Претседателот да се избира во Собранието

Бујар Османи, кандидат за претседател на Северна Македонија
Бујар Османи, кандидат за претседател на Северна Македонија

„Релативно млад, амбициозен играч со завидно искуство кој сака да биде присутен во медиумите“, тоа се коментарите во дел од јавноста за кандидатот за претседател на коалицијата предводена од ДУИ.

Откако коалицијата СДСМ-ДУИ ја презеде власта летото 2017 почна и „вториот“ политички залет на Бујар Османи. Прво, како вицепремиер за европски прашања, а по изборите во 2020 и како шеф на македонската дипломатија.

Бујар Османи: Претседателот да се избира во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:42 0:00

Голем дел од тие четири години во МНР ги посвети на бугарското вето и обидите за „пеглање“ на односите со Софија. Беше дел од тесниот круг што учествуваше во кроењето на т.н. француски предлог кој доведе до отворање на преговорите за членство со Европската унија. За ова прашање настапуваше исклучително внимателно покажувајќи висок степен на чувство за прашањата што се од највисок интерес за Македонците – идентитетот, јазикот, културата.

Мојот избор за претседател е остварување на долгогодишниот сон за рушење на бариерите кои ги ограничуваа луѓето
Бујар Османи

Една година беше и претседавач со ОБСЕ – за првпат во историјата на македонската дипломатија. Се обидуваше да „кормилари“ со организацијата која беше начната од руската агресија врз Украина и санкциите на западот кон Москва. Успеа дури на завршниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје да ги донесе и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер Сергеј Лавров, иако двајцата не седнаа на иста маса.

Сега, во оваа претседателска трка се нафати на задачата да биде кандидат на ДУИ за шеф на државата и нејзиното најново во серијата барања кои, во македонската заедници, се толкува како етнички мотивирано – претседателот на Републиката да се бира во Собранието.

„Сакам да им се заблагодарам на сите политички партии што ми ја дадоа довербата на овие избори да го побарам гласот на граѓаните, всушност јас не бев кандидат на една партија, туку бев кандидат на сите заедници кои сонуваа за држава на еднакви можности, и мојот избор за претседател е остварување на долгогодишниот сон за рушење на бариерите кои ги ограничуваа луѓето да сонуваат без граници во оваа земја, па затоа сакам да им се заблагодарам на сите за дадената доверба и поддршка“, истакнува Османи во неговата изборна програма.

Билјана Ванковска: Категорична за излегување од НАТО

Билјана Ванковска, кандидатка за претседателка на Северна Македонија
Билјана Ванковска, кандидатка за претседателка на Северна Македонија

Билјана Ванковска е првпат во трката за претседател на државата. Таа е докторка по правни науки и предава на Филозофскиот факултет во Скопје. За себе вели дека е во предност во однос на другите конкуренти зашто е кандидат од партија (Левица) која не претендира да биде носител на власта.

„Ќе ја имам апсолутно целосната слобода (зашто) не сум актер на голема партија која ќе ме држи под контрола во однос на некои нивни коалициски договори и слично. Апсолутно слободен човек“, вели Ванковска во интервју за Гласот на Америка.

Билјана Ванковска: Категорична за излегување од НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Ванковска категорично се залага за излегување на државата од НАТО.

„Да, апсолутно сум категорична. Тоа е мој став уште од времето кога се зборуваше дали треба да го промениме името. Јас тогаш бев единствената од академската и интелектуалната фела, која зборуваше дури и со уставно име, дека јас сум за тоа Македонија да не влезе во НАТО, сметајќи на тоа дека сме сиромашна земја, дека сме постконфликтно општество, кое сè уште си ги залечува раните од сопствените збиднувања, и дома и во регионот, и дека ни треба една мирољубива политика, повеќе инвестиции дома, во внатрешните состојби“, посочи Ванковска.

Нам ни треба развој, ако САД не се расположени има држави кои имаат можности да ни дадат шанса за развој
Билјана Ванковска

Доколку биде избрана, Ванковска навестува промени и во релациите кон ЕУ.

„Начинот на кој Брисел ги води преговорите на штета на Македонија, постојано наоѓајќи креативни решенија за некои други држави, кои се далеку зад нас во развојот.. Ако продолжат така, ние ќе треба крајно да се понижиме себеси за да дозволиме да нè третираат на тој начин. Мислам, еве, тоа нека биде мој дипломатски чекор: Да покажете гордост и да кажете дека не сте подготвени да чекорите на тој начин и под тие услови, за и тие малку да се преиспитаат“, вели Ванковска.

Кандидатка на Левица вели дека е за мирољубива коегзистенција со сите држави во светот. За политиката со САД вели:

„Нам ни треба развој. Ако САД не се расположени и во моментот се повеќе зафатени со своите избори и со милитаризација и билдање на својот воено-индустриски комплекс, има држави кои имаат можности да ни дадат шанса за развој“.

Ванковска смета дека приклучувањето на државата кон друг сојуз, како што е БРИКС, е можна алтернатива за државата.

Арбен Таравари: Албанскиот јазик целосно службен и еднаков со македонскиот

Арбен Таравари, кандидат за претседател на Северна Македонија
Арбен Таравари, кандидат за претседател на Северна Македонија

Арбен Таравари е претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“. Тој е доктор невролог, а специјалност му се деменцијата и Паркинсоновата болест. Во политиката официјално влегува пред осум години, а како предлог на неговата матична партија „Алијанса за Албанците“ кусо време ќе биде и министер за здравство, но ќе ја напушти функцијата за да се кандидира за градоначалник на градот во кој е роден – Гостивар и ќе победи на изборите во 2017 година и таа функција сè уште ја извршува во втор мандат.

Неговата кандидатура за претседател ќе го чини претседателството во матичната партија „Алијанса за Албанците“ бидејќи партијата останува со владејачкото мнозинство, а тој со неговото крило ќе се приклучи кон опозициската Коалиција „Вреди“.

Со едноставен слоган „Таравари за претседател“ ја почнува кампањата и речиси во секој настап е дециден дека тој како претседател е гаранцијата за продолжување на преговарачкиот процес со Европската Унија, но и дека е време за промени, мислејќи на неговите опоненти од ДУИ. Секогаш потенцира дека ЕУ, САД и НАТО се незаменливи сојузници на Северна Македонија.

„Обединувачка програма“ е насловот на програмата која стои на официјалниот сајт на Таравари и е на македонски, албански и англиски јазик.

„Северна Македонија е наша заедничка куќа. Таа куќа мора да има силни столбови. Тие столбови се: интеграција во Европската унија, безбедност, владеење на правото и консензуална демократија“, стои на самиот почеток на програмата.

Албанскиот јазик да биде службен јазик на целата територија на државата на еднакво ниво со македонскиот јазик
Арбен Таравари

Она по што Таравари е препознатлив е што доколку биде избран за претседател ќе се залага Северна Македонија да излезе од иницијативата „Отворен Балкан“ и ќе се залага неговиот наследник да се бира во Собранието. Отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите е еден од приоритетите за да може да продолжи преговарачкиот процес.

„Ќе се погрижам од Уставот да се елиминира навредливата дефиниција на албанскиот јазик како ‘друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните’ и албанскиот јазик, во неговото писмо, да биде службен јазик на целата територија на државата на еднакво ниво со македонскиот јазик“, е ставот на Таравари.

Како претседател најавува дека ќе се залага за целосна реформа во судско обвинителскиот систем и ветинг.

„Ние сме најголемата гаранција дека следната влада на Македонија ќе се движи по европскиот“, истакнува Таравари во обраќања до гласачите.

Максим Димитриевски: Отворање на Уставот, но со одложена важност

Максим Димитриевски, кандидат за претседател на Северна Македонија
Максим Димитриевски, кандидат за претседател на Северна Македонија

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, е вториот градоначалник во трката за столчето во претседателскиот кабинет во Вила Водно. Роден во Куманово и градоначалник на Куманово во втор мандат. Потекнува од СДСМ, но со партијата се разидоа пред локалните избори во 2021 година поради сериозни несогласувања со дел од раководството и пред сè неговиот сограѓанин Оливер Спасовски.

Жесток критичар на политиките на актуелната Влада и попустливоста кон ДУИ. Социјалдемократ, но сега со своја партија „ЗНАМ“.

Максим Димитриевски: Отворање на Уставот, но со одложена важност
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:14 0:00

Одбрана на националните интереси, влез во ЕУ со „крената глава“, заштитник на „црвените линии“ на македонскиот народ и како што вели човек кој одговара на описот за претседател на државата – личност со став, карактер и интегритет кој нема никогаш да направи компромис на штета на државата и граѓаните.

Во поглед на отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите е дециден, може, но со одложена правна важност, бидејќи ќе стапат на сила во моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.

„Време е да излеземе од црно – белиот свет“, вели често Димитриевски, алудирајќи на двете најголеми партии од македонскиот политички блок.

Кампањата за претседателските избори ја почнува од Крушево и вели дека тоа не е случаен избор. Програмата ја нарече „Манифест за Македонија“, а слоганот со кој ја почна кампањата е „Максимум за Македонија“.

Не сакам ниту ќе дозволам некогаш од позиција на татко на нацијата и претседател на Македонија, Македонецот да биде граѓанин од втор ред во својата држава
Максим Димитриевски

„Ќе се залагам за солидарно општество без дискриминација и владеење на правото“, рече на промоцијата во Крушево.

Програмата се темели на пет начела и пет приоритети. Реформи дома, но и формирање на специјален тим за адаптација на преговарачката рамка во врска со историските прашања кои ги оспорува Бугарија, а се поврзани со македонскиот идентитет.

Бескомпромисна битка против корупцијата и криминалот во државната администрација и политичките елити, често може да се чуе на митинзите на Димитриевски.

Дециден е дека ќе работи на обединувањето и зајакнувањето на безбедноста на државата.

„Мора да бидеме обединети. Ќе работам на реален соживот во Македонија како што тоа досега го работев во Куманово“, е ставот на Димитриевски.

Категорично вели дека ќе биде против погазување на националните интереси.

„Јас не сакам ниту ќе дозволам некогаш од позиција на татко на нацијата и претседател на Македонија, Македонецот да биде граѓанин од втор ред во својата држава“, категоричен е Димитриевски.

***

Изборниот молк за првиот круг од претседателските избори почнува во понеделник на полноќ и ќе трае до затворање на гласачките места во среда до 19.00 часот. Среда, 24 април, владата го прогласи за неработен ден.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG