Линкови за пристапност

Избран новиот состав на Државната изборна комисија


Тројцата експерти се за пошироката јавност релативно непознатите Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Александар Чичаковски

„Ние, лидерите на најголемите политички партии, го поздравуваме постигнатиот договор за целосниот состав на Државната изборна комисија. Препорачуваме парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов и Александар Чичаковски за независни експерти во ДИК“, се вели во заедничката изјава, која по неколкучасовна средба, вечерва ја испратија до јавноста лидерите на најголемите партии во македонскиот и во албанскиот блок, Зоран Заев, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи.

Тие, под мониторинг на евроамбасадорот Аиво Орав, американскиот амбасадор Џес Бејли и меѓународниот посредник Питер ван Хауте, постигнаа договор за тројцата експерти во Државната изборна комисија. Новиот состав на ДИК е предвиден со Договорот од Пржино, според кој, покрај шестемина членови предложени од партиите, во Комисијата што ќе ги спроведе изборите, членуваат и тројца експерти.

Чичаковски (1980) е магистер по право од Скопје, Прекопуца (1970) е професор по албански јазик од Арачиново и магистер по применета политика и менаџмент, а Урумов (1974) е дипломиран политиколог и дипломиран правник од Гевгелија. Според дел од медиумите, Прекопуца треба да биде потпретседател на ДИК, а претседавачот ќе се бира меѓу Урумов и Чичаковски.

Со барање Собранието што побрзо да ги финализира неопходните постапки, за да може ДИК што побргу да почне со подготвките за изборите, закажани за 24 април 2016, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА побараа и:

„ДИК да ги донесе неопходните одлуки за кадровското екипирање, вклучувајќи и професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки“. Во изјавата, лидерите ги повикуваат институциите целосно да ја поддржат ДИК во нејзината, според нив „тешка задача“.

Покрај експертите, во ДИК ќе членуваат партиските членови, Сашо Срцев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА.

Договорот за експертите го поздрави и олеснувачот Ван Хоуте, кој истакнал и дека роковите се веќе пробиени, и најавил дека уште утре, работните групи ќе продолжат со преговорите за останатите спорни теми, законот за медиуми, работата на јавниот сервис МРТВ и на Агенцијата за медиуми.

Медиумите денес објавија и дека во заклучокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, било потенцирано дека без примена на Договорот од Пржино и на препораките од извештајот на Прибе - нема преговори со Македонија за членство во ЕУ. Министрите најавиле дека условената препорака за Македонија, ќе се разгледува веднаш во изборите на 24 април следната година. (сс)(јб)

XS
SM
MD
LG