Линкови за пристапност

Законот за прекин на бременостa продолжува да бранува

  • Борјан Јовановски

Поделени мислења и на расправата во Собранието.

Предлогот на Владата за закон за прекин на бременоста, кој беше предложен во итна постапка, предизвика бурни и котроверзни реакции во јавноста. Тие се одразија и на јавната расправа во Собранието на која учествуваа пратениците, министерот за здравство Никола Тодоров и претставници на граѓански здруженија.

„Овој закон е против жената и нејзините права. Ставен е во итна постапка и не овоможува опсежна јавна расправа која е неопходна за носење на ваков закон. Преку серија на административни процедури се отежнува правото на жената на избор или абортус. Таа, според предлогот, треба да добие согласност од брачниот другар или партнерот, со што се врши влијание таа да ја промени одлуката“, вели Маринела Тушева од опозицискиот СДСМ.

Против законот е и пратеничката Лилијана Поповска од ДОМ, која е во владината коалиција.

„Жената се внесува во бирократски тунел за да дојде до абторус. Наместо да помине низ тој тунел, таа може да влезе во постапка на црни абортуси, што ќе го загрози нејзното здравје. Не е работа на министерот да формира комисии и да пропишува протоколи“, вели Поповска.

„Мој впечаток е дека вистинската причина за носењето на тој закон не е заштитата на здравјето на жената, туку напротив, на тоа се гледа како на некој вид на интервентна мерка во демографските политики на најголемата партија на власт и од тие причини мислам дека законот носи во себе доста контровезии“, смета Ермира Мехмети Деваја од ДУИ.

Против законот беа и од невладините организации.

„Ние сме за нов закон, но подобар од постоечкиот. Сакаме жената да има право да биде советувана, но, според овој закон, тоа советување се користи за да се убеди жената да не абортира, а не за да биде информирана и самата потоа да си ја носи одлуката“, наведува Ирена Цветковиќ од невладината Сексуални и здравствени права на маргинализираните групи.

Министерот за здравство, пак, мисли дека законот лошо се толкува и дека тој не го спречува абортусот.

„Јас не би прифатил закон кој спречува абортус“, вели Тодоров. „Законот предвидува советување и една процедура од три дена по советувањето до донесувањето на одлуката. Целта е жената да се информира и самата да донесе одлука. Периодот од три дена е еден од најкусите во Европа. Во Данска тој период е 14 дена, на пример“, кажа Тодоров, бранејќи го законот.
XS
SM
MD
LG