Линкови за пристапност

Законот ги засили поделбите меѓу новинарите


Дали е потребен нов закон за медиуми, или се треба да се остави на саморегулирање?

И денешната јавна расправа околу предложениот закон за медиуми ги покажа длабоките разлики меѓу новинарите, но и политичарите, одразувајќи ја пошироката поделеност на македонско општество како последица на партизацијата.

Еден дел од новинарите е со став дека нема потреба од закон за медиуми, зашто таа сфера е веќе уредена со Уставот и со други закони: Законот за трговски друштва што ја регулира бизнис-сферата и сопственоста врз медиумите, Законот за граѓанска одговорност со кој се уредува правото на заштита од навреда и клевета, и Законот за работни односи, со кој се уредуваат односите меѓу вработените во редакциите.

Другиот дел е со идентичен став на владиниот, дека законот ќе воведе ред во досега нерегулираната сфера и ќе ги заштити новинарите од сопствениците, менаџерите и уредниците.

Според министерот за информатичко општество и јавна администрација, Иво Ивановски, со законот е предвидено дефинирање на професијата новинар, а во иднина, работата на сите медиуми ќе биде регулирана транспарентно. Образлагајќи го законот, Ивановски потенцираше дека јавните расправи се одржувале цели девет месеци, дека се прифатени неколку забелешки и дека новиот закон ќе го развива медиумскиот сектор и плурализмот.

Но, според невладиниот сектор, понудениот закон остава можност за злоупотреби и ограничувања на објективното и независно новинарство, за што предупредувааат и претставниците на меѓународната заедница - дека слободата на изразување во Македонија е под влијанија и притисоци на политичките партии, а пред се`, оние од власта.

Во зависност од застапуваните ставови за и против законот, на двете спротивставени групи кои го напаѓаат или бранат решението на Владата, на јавната расправа беше потенцирано дека законот е рестриктивен и има за цел да воспостави контрола над критичкото и независно новинарство, од една, како и дека законот во поголемиот дел е добар и дека новинарите треба да го прифатат зашто со него би се означил крајот „на транзицијата во македонското новинарство“, од друга страна.

За разлика од ставот на репрезентативното Здружение на новинари и новинарскиот синдикат, дека законот не е потребен, Македонската асоцијација на новинари е на мислење дека со законот новинарите добиваат поголема сигурност, но бараат прецизирање на дефиницијата за тоа кој може да биде новинар.

Така, додека коментаторката на „Нова Македонија“ Мирка Велиновска предложи да се издаваат и лиценци со кои би се определило кој е новинар, а кој пропагандист и лобист, според Tамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, предложената дефиниција за новинар е ограничувачка и дискриминаторска и ги елиминира новинарите кои немаат постојан договор за вработување со еден медиум, што овозможува манипулации.

„Она што го убива македонското новинарство е државната корупција, која е воведена на голема врата и која се спроведува со директно поткупување на сопствениците на медиумите. Државните реклами се делат нетранспарентно, завршуваат како облик на пропагандната машина на власта. Овие години тој феномен се усоврши“, го цитираат медиумите новинарот Бранко Героски, кој порачал дека ако министерот сака да им помогне на новинарите, треба да се подготви закон за антицензура што ќе овозможи поголема слобода и заштита на новинарите од политичките или бизнис-влијанија.

Уредничката на „Вечер“ Ивона Талевска, поздравувајќи го донесувањето на законот, истакна дека со него ќе се заштитат новинарите и нивните права, а коментаторот на „Утрински весник“ Ерол Ризаов смета дека медиумскиот пазар во Македонија е целосно нерегуларен и корумпиран, медиумската слобода е задушена, а Македонија забрзано се движи назад. Според него, со постојните закони, Македонија 2006/7-ма била 34-та во светот според медиумските слободи, а денес со истите закони и со истата власт е на 130 место!

„Професионално новинарство не се гради со закони, туку со демократија и слобода, со политичка и комуникациска култура“, смета Ризаов.

На 13-ти август ќе се одржи уште една расправа, на која ќе бидат поканети претставниците на ОБСЕ и Советот на Европа, за заинтересираните страни повторно да ги изнесат своите ставови и забелешки за двата предлог-закона, за медиуми и за аудио и аудиовизуелни услуги.
XS
SM
MD
LG