Линкови за пристапност

Во интерес на Бугарија е Македонија да напредува во евроатлантските интеграциони процеси

  • Борјан Јовановски

Димитар Бечев

Димитар Бечев

Интервју со Димитар Бечев, директор на Европскиот центар за меѓународни односи во Софија.

Димитар Бечев е директор на Европскиот центар за меѓународни односи во Софија. Објавува од областите на проширувањето на Европската унија, добрососедската политика и поновата историја на Балканот. Пред неколку години, ги брануваше научните кругови во Македонија и Бугарија со „Историскиот речник на Република Македонија“ (2009-та), а автор е и на „Медитерански граници: гранични линии, конфликти и сеќавањето во транснационалниот свет (2010-та, заедно со Калипсо Николаидис од Европскиот совет за надворешни односи) и „Конструирање на Југоисточна Европа: политиката на балканската регионална соработка (2011-та). Докторирал на меѓународни односи на Универзитетот во Оксфорд.

Глас на Америка на македонски: Како ги оценувате актуелните бугарско-македонски односи?

Димитар Бечев: Односите меѓу двете држави се во застој веќе неколку години. Во оваа фаза, далеку сме од нивото и квалитетот на односите што ги имавме во периодот од 1998-ма до 2006-та година. Јас, сепак, се надевам дека односите наскоро ќе бидат унапредени.

Глас на Америка на македонски: Во која мера влијаат националистичките ВМРО-идеологии во Бугарија врз надворешната политика на земјата? Дали претставуваат фактор во бугарската надворешна политика?

Димитар Бечев: За среќа, ВМРО на Красимир Каракачанов не е влијателен фактор. Таа партија и понатаму бара се` понови популистички каузи, со цел да го оправда своето постоење и да привлече гласови. Црвено-црните знамиња на ВМРО сега се веат пред централите на енергетските компании како ЧЕЗ, ЕВН и ЕОН. Цената на електричната енергија е сега за нив поважна тема од Макдонија. Сепак, за жал, во моментов политиката на (македонскиот премиер Никола, н.з.) Груевски им дава сила на национал-популистите во Бугарија. На тој начин се држи отворена таа спирала на националистичките изблици кои дотураат масло на огнот во Скопје.

Глас на Америка на македонски: Премиерот Бојко Борисов неодамна изјави дека Бугарија ке се спротистави на решение за името кое содржи географска одредница. Зошто?

Димитар Бечев: Премиерот Борисов изјави дека тоа може да доведе до сомневања за претензии кон Пиринска Македонија. Сепак, јас мислам дека тоа прашање е решено уште во 1999-тата година, во февруари, кога премиерите (Љубчо, н.з.) Георгиевски и (Иван, н.з.) Костов изјавија дека не постојат територијални претензии. Да бев на местото на Груевски, ќе ја реафирмирав таа декларација, дури би додал и изјава за тогашната позитивна улога на тогашниот лидер на ВМРО- ДПМНЕ и со тоа јасно би ставил на знаење дека Македонија пријателски гледа на соседите и дека нема никакви иредентистички амбиции.

Глас на Америка на македонски: Дали доколку Македонија и Грција постигнат компромис со географска одредница, Бугарија, како земја-членка на НАТО и ЕУ, би го направила истото што сега го прави Грција - блокирање на процесот на интегрирањето на Македонија во овие институции?

Димитар Бечев: Искрено се надевам дека Бугарија нема да го направи тоа. Во интерес на Бугарија е Македонија да напредува во евроатлантските интеграциони процеси од кои корист ќе има целото македонско општество, како и сооседните држави. За Бугарија е важно да ги освои симпатиите на граѓаните на Македонија. За жал, тоа не е лесно заради натоложената омраза и недоверба во Македонија кон Бугарија, како и неразбирањето на Македониja во Бугарија.

Глас на Америка на македонски: Бугарија интензивно ја развива сообраќајната инфраструктура. Дали отсуството на ваквата инфраструктура кон Македонија е одраз на расположението на Бугарија кон Македонија?

Димитар Бечев: Не мислам дека ова има некава директна врска. Мислам дека во последните години се обнови патот кон Деве Баир. Се обновуваат и граничните премини кај Станке Лисичково-Делчево и Златарево-Ново Село (Струмичко). Тоа ќе биде нова, убава можност за соработка меѓу општините од двете страни на границата и со Пиринска Македонија воопшто, регион кој динамично се развива. Претпоставувам дека многумина од вашите читатели биле во местата како Банско и Мелник.

Глас на Америка на македонски: Кои, според вас, се решенијата што на двете земји би им озвоможиле да ги надминат хипотеките од минатото и да отворат нови перспективи на соработка?

Димитар Бечев: Треба да гледаме кон иднината, кон обласите како економијата, трговијата, пограничната инфраструктура. Еве, ќе ви посочам еден пример - заради бугарската инвестиција од Кеjбалтел (Blizoo), во македонскиот Интернет-простор се намали цената на овие услуги во последните години. Што се однесува до минатото, ништо нема да пречи да го одбележуваме заедно. Добар пример дадоа претседателите (Бранко, н.з.) Црвековски и (Георги, н.з.) Прванов кои положија заеднички цвеќе на споменикот на Јане Сандански во Мелник. Дај боже еден ден Груевски и Борисов заедно да положат венец на гробот на Тодор Александров кај селото Сугарево.

Глас на Америка на македонски: Како ја коментирате актуелната дебата околу филмот Трето полувреме која ги подигна тензиите во бугарско-македонските односи?

Димитар Бечев: Реакциите во Бугарија се предизвикани од сомнежот дека владата во Скопје ја користи трагедијата на македонските Евреи во пропагандни цели. Според мене, вистинскиот одговор на овој проблем е директен дијалог со сведоците на Холокаустот, вклучително и оние во Израел. Се разбира дека Бугарија треба да се соочи со минатото и да ја преземе одговорноста. Веќе се направени некои чекори во таа насока. Во Софија, до Народното собрание, сега ќе видите споменик за 11.400 Евреи депортирани од Вардарско, грчка Тракија и Пирот. Но, Груевски и (Дарко, н.з.) Митревски не можат да бидат посредници во тој процес. За среќа, односите мегу Бугарија и Израел се многу развиени и пријателски. Се молам еден ден такви односи да има и меѓу Скопје и Софија. Би можеле, на пример, заедно да оддадеме почит на луѓе кои ги спасувале Евреите . Можеме, на пример, заеднички да славиме луѓе прогласени за „праведници меѓу народите" - Владо Куртев (член на ЦК на ВМРО), скопјаните Тодор Хаџимитков и Траjко Рибарев (членови на Бугарскиот акционен комитет во 1941-ва година); исто така, и Димитар Чкатров, лик во филмот Трето полувреме, погубен од комунистичката власт во 1945-та година поради соработка со окупаторите.
XS
SM
MD
LG