Линкови за пристапност

Како ќе гласа дијаспората?

  • Борјан Јовановски

СДСМ предлага измени за потребниот број на гласови, а ДУИ за местото на гласање. МОСТ советува: дијаспората да не гласа на изборите во април, а потоа - широка дебата

На разговорите меѓу работните групи на политичките партии - потписнички на договорот од 2-ри јуни и оној познат како Договорот од Пржино, една од првите теми во однос на изборниот систем е гласањето на дијаспората.

Од две од политичките партии коишто учествуваат на разговорите, СДСМ и ДУИ, веќе стигнаа најави за нивните позиции по ова прашање и за постојниот изборен модел којшто овозможува три пратенички места за пратеници од Северна Америка, Австралија и Европа.

Опозициските социјалдемократи сметаат дека не смее да се дозволи да се избира пратеник во Собранието само со по стотина гласови, каков што беше случајот до сега во некои од изборните циклуси. Во СДСМ сметаат дека треба да се најде модел којшто нема да дозволи вакво нешто, односно да се усогласи бројката со која се бираат пратеници дома и во странство. Поради ова, партијата дека ќе предложи пратенички мандат од иселениците од странство да се добие само ако на изборите во дијаспората кандидатот добил број на гласови коишто би претставувале најмалку 80 отсто од потребните гласови за избор на пратеник во Македонија.

Во ДУИ, пак, сметаат дека законот треба да овозможи припадниците на дијаспората да гласаат во земјата, а не надвор од неа, во земјите во коишто живеат.

Во врска со дилемите околу решенијата за гласањето на дијаспората, разговаравме со претседателот на невладината МОСТ, Дарко Алексовски. Според него, во актуелното законско решение, постојат два проблематични аспекти: првиот, којшто се однесува на еднаковоста на гласот во Македонија, и оној во дијаспората.

Во актуелните законски рамки, во дијаспората, во Изборната едница број 9 се избира пратеник со само 900 гласови, што е далеку под долниот праг во рамките на домашниот изборен систем каде се бира пратеник со околу 8.000 гласови, вели Алексовски.

Вториот проблематичен аспект, според невладината МОСТ, се однесува на цената на чинење на целата операција.

За организирање на гласањето на дијаспората се трошат 25% од вкупниот буџет за организирање на изборниот процес, наведува Алексовски, и оценува дека ова е нерационален износ, кога се има во предвид дека се инвестира за избор на само 3 пратеника изгласани со 6.500 гласачи од дијаспората, од вкупно 123 членови на Собранието.

Ставот на невладината МОСТ е да се суспендира гласањето во дијаспората на изборите закажани во април, а по нив да се отвори широка дебата за сите аспекти, со цел да се изнајде најефикасно и најрационално решение.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG