Линкови за пристапност

Претставничката на Пентагон Евелин Фаркаш во посета на Македонија


САД и` се благодарни на Македонија за учеството во меѓународните мисии.

„Благодарни сме и` на Македонија за нејзиното учеството во операциите на НАТО, како постојан и континуиран партнер на САД во Авганистан и во други операции. Исто така, ќе ни биде задоволство да разговараме и за понатамошната поддршка што можеме да ја обезбедиме за Република Македонија и за искажаниот интерес на државата за учество во операции предводени од ЕУ, НАТО и во други операции. Сето ова што го правиме заедно, е со цел да се зајакне Република Македонија и нејзините одбранбени капацитети, за таа да биде подготвена кога ќе дојде денот за интеграција во НАТО“, изјави денес заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, за Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркаш, по средбата во Министерството за одбрана со нејзиниот домаќин, министерот Талат Џафери.

Според Џафери, Македонија ќе биде дел од мисијата ИСАФ во Авганистан се` до нејзиното завршување во 2014 година. Џафери денес ја најави подготвеноста на АРМ, нејзини припадници да ја обучуваат на војската на Сенегал, како и како и учество во борбената група на ЕУ, чиј носител е Белгија. Џафери најави дека како дел од соработката на АРМ со Националната гарда на Вермонт од САД, Сенегал е можна нова мисија на македонските војници во која ангажманот би се состоел во пренесување на досега стекнатите знаења и во Сенгал. Министерот не изнесе детали за евентуалниот ангажман, но македонските медиуми објавија дека македонските војници во Сенегал би им се приклучиле на војниците од САД, Франција и Германија кои ја обучуваат сенегалската армија.

Сепак, според Џафери, главната преокупација на АРМ и на Македонија и понатаму се евроатлантските интеграции.

„Наш приоритет е ангажманот за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и во ЕУ и, во тој контекст, за нас останува највисок приоритет продолжувањето на нашето учество во мисиите надвор од државата предводени од НАТО, ООН и ЕУ. Ние ќе продолжиме да бидеме дел од мисијата ИСАФ до нејзиното завршување во 2014 година и наша намера е да останеме во мисијата пост-ИСАФ“, рече министерот за одбрана, според кого Македонија ќе опстојува на принципот „заедно во, заедно надвор“.

Со гостинката од Пентагон, чија посета е во рамките на билатералните консултации меѓу Република Македонија и САД, Џафери разговарал и за состојбите во МО и АРМ, за идните приоритети и планови, како и за начините за продолжување и надградување на соработката.
XS
SM
MD
LG